Да не се сообразуваме со овој свет, туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди: Божикно послание на г.г Стефан

Еве, повторно стоиме пред тајната на Божик – пред тајната на Божјото доаѓање на земјата. Кога човештвото и сиот свет беа обвиени во гревовна темнина, Бог не остана далечен, туку слезе меѓу нас и, бивајќи Светлина, ја порази и ја истера темнината, и не со сила – туку со љубов.

Ова меѓудругото се вели во Божикното послание на архиепископот г.г Стефан.

„Овој голем празник којшто го чествуваме, на преминот од старата во новата година, како да е природно така поставен во времето за да нè поттикне, од една страна, да се осврнеме наназад и да созерцаваме за изминатата година, да согледаме што е тоа што сме го направиле добро, доколку го има, а од друга страна, да се устремиме кон иднината и да видиме во што треба да се поправиме и што сакаме да направиме уште подобро. Она што го извлекуваме како поука и што си го задаваме себеси како задача е тоа да ги поправиме нашите пропусти, да ги победиме нашите слабости.

Потребно е да сфатиме дека секоја наша постапка носи последици. И мали пропусти можат да доведат до големи несреќи, како што и малите добрини и правилните постапки доведуваат до бројни големи и добри дела. Тоа е така, зашто Господ помага во секое добротворење и кога ги гледа нашите добрина и труд – ги пополнува нашите недостатоци, а доброто дело го доведува до крај.

Тоа е потребно да го знаеме и тоа нека биде нашата решителна определба во претстојното лето Господово: да постапуваме правилно, совесно и добродушно на местото каде што Господ нè поставил. Да не се обесхрабруваме од тоа што спротивните сили навидум нè надвладуваат, туку да имаме бодрост да истраеме, дури и доколку ни се чини дека она што го правиме е мало и безначајно. Впрочем, самиот Господ Исус Христос во Евангелието нè поучува дека: Верниот во малку и во многу е верен, а неправедниот во малку и во многу е неправеден,“ се вели во Божикното послание.

Во него се додава дека живееме во свет во којшто има неправди и беззаконие, каде што не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку и владеат норми најдиректно спротивни на нив.

„Но да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо и вообичаено. Да не се сообразуваме со овој свет, туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди.

Близината Божја нека нѐ поткрепува и нека ни дава надеж дека Господ е со нас во сите денови од нашиот живот. Господ ги услишува нашите молитви кога ги исполнуваме Неговите заповеди, и Тој не престанува да ни дава можности за да нè воведе во Своето Царство небесно,“ се вели во Божикното послание.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести