Серија на промени и новини во енергетскиот сектор го реформираат амбиентот за користење на обновливите извори на енергија и подигање на заштитата на животната средина. Новините се резултат на активностите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини од каде забележуваме засилена динамика на енергетските реформи и зајакнување на институционалната одговорност која директно влијае на граѓаните и локалните заедници. Програма за субвенции за ранливи категории потрошувачи на струја, проширување на можностите за искористување на соларната енергија кај домаќинствата, и рекордната наплата на концесии за минерални суровини се дел од прашањата за кои разговараме со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Министерке, програмата за 2025 година предвидува по 1 000 денари месечно за ранливи потрошувачи. Која е целта на оваа поддршка?
Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година е донесена врз основа на член 10 од Законот за енергетика и претставува еден од клучните механизми за обезбедување фер пристап до енергија. Од државниот буџет се обезбедени 42,3 милиони денари наменети за директна финансиска поддршка на граѓани што живеат во енергетска сиромаштија, особено оние кои користат гарантирана минимална помош, самохрани родители и домаќинства со лица со сериозни попречености. Ова е втора програма за заштита на ранливи потрошувачи годинава. Целта е јасна, ниту едно домаќинство кое се соочува со социјален или здравствен ризик да не остане без енергетска поддршка. Ова е чекор кон пофер, посоцијално и одржливо општество, каде што секој граѓанин има пристап до основните енергетски потреби.
Поддршката изнесува 1.000 денари месечно, односно во период од 12 месеци по поднесување на барањето за поддршката, фактурата за електрична енергија корисникот ќе ја добива намалена за 1.000 денари. Согласно условите за користење на оваа подршка, корисникот е обврзан редовно да ја плаќа фактурата. Аплицирањето се врши преку јавен оглас, кој е објавен на нашата веб-страница, а постапката на доделување на помошта е транспарентна — формиравме четири специјализирани комисии кои ќе ги разгледуваат барањата според видот на попреченост, а списокот на избрани корисници ќе биде јавно објавен. Покрај директната финансиска помош, Програмата предвидува и дополнителни мерки за олеснување на пристапот до енергија: ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет во отстранување дефекти и забрана за исклучување во зимскиот период.
Оваа поддршка е дел од нашата обврска да обезбедиме енергетска праведност за сите.

Зошто го зголемивте лимитот за фотоволтаични системи кај домаќинствата од 6kW на 10kW и што се менува во постапката за поставување?
Сакаме да направиме вистински исчекор кон енергетска независност и реална демократизација на енергетскиот систем. Со измените на законот граѓаните добиваат можност да бидат активни учесници, а не само потрошувачи, и тоа е клучниот двигател за зелена и праведна енергетска транзиција. Важен чекор кон енергетска независност, а истовремено и можност за финансиски заштеди на ниво на домаќинство. Мерката е дел од пошироката стратегија за децентрализација на производството на електрична енергија.
Министерството сите закони ги подготвува на транспарентен начин и во комуникација со граѓаните и бизнис заедницата. Од нивна страна многупати се спомна да се зголеми лимитот за домаќинствата од 6kW на 10kW. Затоа, не само што го зголемивме лимитот за домаќинства кои користат обновливи извори на енергија 10 kW, туку и за компаниите е зголемен на 70 kW. Сега веќе зборуваме за сериозен производствен капацитет кој ќе се чувствува и во мрежата и во сметките на граѓаните.
Првпат во закон се воведува рок од еден месец за издавање дозвола за поставување фотоволтаици, а електродистрибутивната мрежа ќе мора во рок од 15 дена да одговори дали локацијата е приклучлива. Доколку не одговори, се смета дека има согласност. Целта е да нема административни блокади, туку да има јасни рокови, транспарентна процедура и брзина. Дополнително, се поедноставува и приклучувањето – ако првичната локација не е изводлива, операторот е должен да предложи алтернативна точка. Ова е сериозно олеснување што го скратува патот за инсталирање соларен систем од месеци – на неколку недели.
За нас е важно да ги интегрираме обновливите извори на енергија, и со тоа се намали зависноста од увоз и намалување на емисиите на CO₂ и други штетни гасови. Законските измени се усогласени со ЕУ-директивите и се поддржани од Стратегијата за енергетска ефикасност и реновирање на јавни и станбени објекти.
Македонија веќе има над 1.000 MW инсталирана моќност од обновливи извори на енергија. Официјалните извештаи покажуваат дека за прв пат во државата е регистрирана поголема инсталирана моќност на фотоволтаичните електроцентрали, околу 28,40% во споредба со инсталираната моќност на хидроцентралите 24,13%. Односно повеќе од половина од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори. Тоа не е само статистика – тоа значи дека чекор по чекор ја намалуваме потребата од РЕК Битола.

Министерството објави рекордна наплата од над 8 милиони евра од концесии за минерални суровини во првата половина од 2025 година. Каде се насочуваат овие средства?
Овој раст не е случаен, направивме сериозна и системска промена во начинот на кој го третираме управувањето со природните ресурси. Ја засиливме контролата и редовните теренски инспекции што ги спроведуваме. Донесовме нов Тарифник од 1. јануари 2025, со кој значително се зголемија надоместоците — дури до 100% кај некои категории за да обезбедиме правична и реална вредност за користење на минералните суровини. Во првата од годинава наплативме 8,1 милиони евра за шест месеци, што е историски рекорд. Освен тоа, испративме опомени до концесионери кои доцнеа со обврските и веќе се водат постапки за раскин на десетина договори. Воведовме систем за фер наплата за користење на нашите национални богатства, а при тоа да го заштитиме штитиме одржливиот развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор.
Средствата од концесиите не одат во апстрактен буџет – тие се враќаат директно во општините каде што се врши експлоатацијата. Тоа значи подобри патишта, канализации, инвестиции во животната средина и поддршка за енергетска транзиција. Со ова ја покажуваме нашата посветеност кон фер, транспарентно и локално корисно управување со природните ресурси.
Со ова покажуваме дека користењето на националните богатства може да биде одговорно, транспарентно и во служба на развојот. Нашата цел е да изградиме систем каде што секоја експлоатација ќе значи и придобивка за заедницата.
Со измените во Тарифникот не го зголемивте надоместокот за енергетски минерали како јагленот?
Свесни сме за економскиот притисок врз граѓаните, па затоа ги исклучивме енергетски минерали од новиот тарифен модел. Тоа беше со цел да избегнеме дополнителен раст на цената на електричната енергија. Наш приоритет е да обезбедиме приходи од концесии, но без да се прелее тој товар на сметките за струја на граѓаните. Балансираме меѓу праведна наплата и социјална одговорност.
Неодамна беше објавено дека Министерството подготвува два нови закона – за геологија и за рударство. Што како граѓани може да очекуваме од аспект на заштита на животната средина?
Целта е на направиме темелна реформа на начинот на кој државата управува со природните ресурси и понатамошно усогласување на законодавство на новите европски, еколошки и економски реалности. Јасно е дека рударството е неопходно за економски развој, под услов да нема еколошки компромиси. Потребно е секторот да имплементира технологија и мерки што ја штитат животната средина. Без таа рамнотежа, нема поддршка. Со новите закони, кои се веќе објавени на јавен увид од аспект заштитата на животната средина воведуваме обврзни еколошки стандарди за експлоатација, санација и рекултивација на просторот по завршување со работа. Со ова го затвораме циклусот на „земи и остави“ што значи концеционерот има обврска да планира санација и рекултивација на просторт уште пред да почне со ископ, да обезбеди гаранција за враќање на просторот во безбедна и употреблива состојба, и да покаже дека по експлоатацијата не остава штета, туку остава простор за нова намена. Приходите од рударството ќе остануваат и во општините, а концесионерите ќе имаат обврска да инвестираат во локална инфраструктура и животната средина. Тоа значи дека за првпат рударството ќе придонесува директно за квалитетот на животот таму каде што се копа.
Нашата крајна цел е јасна, да имаме модерен, еколошки одговорен и општествено корисен рударски сектор. Верувам дека со транспарентност, со одговорност и со вистинска соработка можеме да изградиме рударство кое ќе ја поддржи економијата, ќе донесе работни места и ќе ја зачува животната средина за идните генерации.