Во современото живеење, отпорен енергетски систем не значи само повеќе производство, туку паметна комбинација од безбедност на снабдувањето, економска достапност и еколошка одржливост.
Токму оваа зелена транзиција беше во фокусот на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) во Скопје, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини заедно со петте регионални комисии на Обединетите нации – Економска комисија на ОН за Африка (UNECA), Економска комисија на ОН за Европа (UNECE), Економска комисија на ОН за Латинска Америка и Карибите (ECLAC), Економска и социјална комисија на ОН за Азија и Пацифик (ESCAP) и Економска и социјална комисија на ОН за Западна Азија (ESCWA) и УНДП.

Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD) за првпат е организиран 2010 година на иницијатива од UNECE и ESCAP, и прерасна во водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија. Со текот на времето, сите пет регионални комисии на ОН се приклучија како коорганизатори.
Годинава форумот се одржуваше под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“ и привлече над 800 учесници од 70 држави, додека над 150 експерти дебатираат на 35 панел сесии.
Како да изградиме поврзан и отпорен енергетски систем, како и кои се предизвиците кои на ова патување нѐ очекуваат разговаравме со Сања Божиновска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.
Што точно претставува Скопската декларација — и зошто е важна за Македонија?
– Камен-темелникот за одржлива и зелена енергетска иднина е поставен и веќе поминуваме на конкретна имплементација, односно процесот на транзиција. Целта е достижна само ако работиме заедно. Токму тука се вклопува Скопската декларација, која е заедничката рамка која ги кондензира трите столба на транзицијата — поврзаност, отпорност и финансирање. Потписници сме нашето Министерство заедно со УНДП и UNECE во име на учесниците и ја акцентира потребата од поголема регионална поврзаност, отпорност на системите и мобилизација на капитал за енергетска ефикасност и обновливи извори.
Таа е алатка која дава насоки кои интерконекции и балансирачки капацитети ќе добијат приоритет, кои регулаторни бариери мора да се отстранат за ефикасни инвестиции и како јавниот и приватниот капитал се спојуваат во одржливи модели. За Македонија, тоа значи дека ќе го користиме овој консензус за побрзо структурирање на конкретни финансиски инструменти со банки и меѓународни финансиски институции, насочени и кон домаќинства и кон малите и средни претпријатија (МСП) и кон индустријата.
Паралелно, формираме работни групи за регионални интерконекции и услуги на балансирање, за да го намалиме трошокот за врвното оптоварување, да интегрираме повеќе ветер и солар и да ја засилиме енергетската безбедност. Ова не е само добронамерна изјава — тоа е оперативна мапа која ја усогласивме со нашите партнери во рамките на Форумот. Нам дома, пак ни дава јасен редослед на чекори од дигитализација на мрежата и олеснет приклучок за обновливи извори, до нови механизми за енергетска ефикасност во зградите. Со други зборови, декларацијата ја претвора агендата во план на работа.
Kои се следните чекори и можно ли е уште следните години граѓаните да почувствуваат разлика?
– Нашата енергетска транзиција е во тек. Обновливите извори на енергија во земјата сочинуваат повеќе од половина од вкупно инсталираниот капацитет за електрична енергија. На пример во 2024 година тоа изнесува 56 проценти. Нашиот фокуе е на инвестиции во нови соларни и ветерни енергетски проекти.
Со новите закони во енергетиката ги групиравме и обврските во три групи, и тоа за домаќинствата и МСП поедноставени и побрзи постапки за приклучок на покривни фотоволтаици, јасни правила за нет-билинг и пристап до поволно финансирање за изолација, прозорци и паметни мерни уреди.
Вториот сет обврски се кон системот со цел засилување на балансирачките капацитети и пилот-решенија за складирање, заедно со подобрено прогнозирање и управување во реално време. Ова е и предуслов за да креираме можности да интегрираме повеќе солар и ветер без нестабилности.
Трето е социјалната димензија, односно реализираме програми за заштита на ранливите потрошувачи и таргетирани мерки за енергетска сиромаштија, за транзицијата да биде праведна и инклузивна. Целта е за граѓанинот да обезбедиме енергија по предвидливи цени во долг рок и да обезбедиме повисока сигурност на снабдувањето и подобра услуга.
Што е следното за да заживеат и практично новите законски решенија во енергетиката?
– Во финална фаза сме со подзаконските акти за енергетска ефикасност во зградите, значи ќе се донесат јасни методологии за енергетски сертифицирања и за давателите на енергетските услуги, вклучително и за ЕСКО моделите, но и за зградите да може да се реновираат без иницијален трошок за станарите.
Паралелно, со операторите и регулаторот ги дигитализираме и процедурите за приклучок на проекти со обновливи извори на енергија, особено за покривни фотоволтаици и мали производители.
На финансиски план, со УНДП и финансиските партнери работиме на овозможување на „зелени“ кредитни линии и гаранции за намалување на ризикот кај помалите проекти. Нашата цел е проекти со добар бизнис-план да стигне до приклучок и финансирање во рокови што се предвидливи и кратки.
Енергетската безбедност и ценовната стабилност се врвни теми. Како „поврзаност-отпорност“ ќе се преточат во секојдневието?
– Интерконекциската инфраструктура е јавно добро на регионот и само заеднички можење да ги зајакнеме преносните капацитети и интероперабилноста на пазарните правила, за да имаме стабилни увозно-извозни текови токму кога цените се најпроменливи.
Отпорноста ја градиме со флексибилност, односно батериски системи каде ќе складираме енергија кога производната цена е пониска, како и управување со побарувачка и дигитални алатки за планирање. Комбинацијата од интерконекции, складирање и паметно управување го намалува ризикот при врвно оптоварување и создава реален притисок за пониски крајни трошоци. Тоа е практичната имплементација и на пораките од форумот.
Честопати говорите од лично искуство за бариерите за жените во енергетиката. Што денес како министерка правите тие бариери да се урнат?
– Чувството дека мораш да се докажеш „двојно“ за да се слушне твојот глас, не е индивидуална приказна, туку структурален предизвик за жените во енергетиката. Компетентноста и доследноста создаваат доверба, но менторството ја забрзува промената и кога една жена ќе добие шанса да води проект, таа отвора врата за уште неколку зад себе.
При тоа, институционалните правила се пресудни и не смееме да се потпираме само на „добра волја“. Како амбасадорка на WOBA – Women on Board Adria, активно вклучувам жени од Македонија во регионалната мрежа за менторство и лидерство, ги поврзуваме со искусни жени – професионалци, обезбедуваме можности за борд-компетенции и градиме контакти низ целиот регион.
Преку WOBA создаден е канал преку кој жените добиваат пристап до ментори, проекти и одлуки на повисоко ниво. Нашата цел е едноставна, секоја млада инженерка или аналитичарка да има реална шанса за проект-менаџмент, а секоја искусна професионалка, поддршка да влезе во управни и надзорни одбори.
Затоа, и во нашата агенда вградивме обврски како менторски програми, јасни патеки за напредување и транспарентни процеси на избор, но и конкретни инструменти за финансирање што им стојат на располагање на жените претприемачки во чисти технологии и енергетска ефикасност.
Како министерка си поставив за цел да се зголеми и бројот на жени во секторите за енергетика и рударство и тоа е реализирано. Ако сакаме побрза транзиција, мора да ја третираме разновидноста на кадарот како инфраструктура, невидлива кога функционира, но клучна за стабилноста и иновациите.














