Центарот за мајка и бебе во Клиника Жан Митрев одбележува една година успешна работа исполнета со радост, посветеност и стотици среќни моменти, информираат од таму.
Во текот на првата година од функционирањето, овој современ центар за породилна и неонатолошка грижа помогна да се родат 167 бебиња и создаде 167 нови семејства.
Во изминатите дванаесет месеци низ Центарот поминаа бројни емотивни приказни – од најмалото бебе родено со тежина од само 1.270 грама, до најголемото бебе спонтано родено со 4.630 грама. Секоја од нив е доказ дека знаењето, искуството и технологијата кога ќе се обединат, го создаваат најубавото нешто – нов живот.
„Создадовме породилен центар каде мајката и бебето се во фокусот – со безбедност, удобност и топлина што секое семејство ја заслужува. Нашата визија е секое породување да биде убаво искуство, ослободено од страв и неизвесност, а исполнето со доверба, професионализам и грижа.
Во оваа една година докажавме дека и во Македонија може да се развива акушерство според највисоките светски стандарди – со врвна медицинска технологија, тим од искусни специјалисти и пристап кој ги спојува науката и хуманоста“, изјави медицинскиот директор д-р Емил Стоицовски.
Центарот за мајка и бебе е изграден на површина од над 800 метри квадратни и опремен со најсовремена медицинска технологија. Располага со две родилни сали, операциона сала, соби за будење, неонатолошка и гинеколошка ординација, како и комфорни апартмански соби кои овозможуваат приватност и удобност во постпородилниот период.
Областите во кои делува Центарот ги опфаќаат сите три тримесечја од бременоста, спроведување на дијагностички испитувања, ХСГ лабораторија, генетски испитувања како амниоцинтеза, хорионбиопсија, ултразвучни и неинвазивни пренатални тестови.Тимот кој се состои од гинеколози акушери, неонатолози, анестезиолози, акушерки и медицински сестри, овозможува целосна грижа пред, за време и по породувањето, достапна 24 часа дневно.
Одделот за неонатална интензивна нега (NICU), кој работи во склоп на Центарот обезбедува третман и згрижување на предвремено родени и ризични новороденчиња. Еден од најзначајните моменти во изминатата година беше породувањето на тројка бебиња, родени во 31-та гестациска недела. Овој редок природен случај ја потврди високата стручност и подготвеност на медицинскиот тим, но и ја симболизира хуманоста и посветеноста кон секое новороденче.
Центарот нуди целосен спектар на услуги за мајката и бебето – следење на бременоста, дијагностички и генетски испитувања, неинвазивни пренатални тестови, постпартална нега и советување. Особено внимание се посветува на индивидуалниот пристап, при што гинекологот кој ја водел бременоста е присутен и при самото породување, овозможувајќи доверба и континуитет во најважниот момент.
Со само една година работа, Центарот за мајка и бебе се позиционира како водечки породилен и неонатолошки центар во земјата, кој секојдневно докажува дека успехот се мери во најубавата мерна единица – нов живот.











