Четвртина век Еурофарм: Од семеен сон до национален бренд

Годинава Еурофарм одбележува значаен јубилеј: 25 години успешно работење, упорност, развој и градење партнерства. Од мала семејна аптека отворена во 2000 година, компанијата денес е национален бренд со 123 аптеки и препознатлива работа во фармацијата.

Со сопственичката и генерална менаџерка на Еурофарм Дооел и една од првите основачи на ланецот аптеки Еурофарм, Татјана Стерјева, разговаравме за почетоците на компанијата, за тивките и големите победи, за животните лекции, но и за она што следи.

Оваа година Еурофарм слави 25 години. Кога ќе се навратите назад, кои се моментите што најмногу ја обликуваа оваа приказна?

– Кога ќе се навратам на почетоците прво ми доаѓаат две чувства: благодарност и неверување колку брзо помина времето. Почнавме со една единствена аптека, без големи ресурси, но со огромна желба да создадеме професионално, пристапно место за секој пациент. Тогаш немавме големи планови, имавме само една голема визија.

Се сеќавам на деновите кога буквално сè работевме сами: од стоење на пулт, преку набавки,  договарање партнерства, па сѐ до администрација. Но, токму тие години нè обликуваа, нè научија на дисциплина, истрајност и чесност. Денес, 25 години подоцна, кога гледам дека Еурофарм има 123 современи аптеки ширум нашата земја, чувствувам гордост што приказната растеше полека, но здраво и силно.

Кога би требало да го издвојам најубавиот дел од целата досегашна приказна би рекла дека тоа е довербата на пациентите што нè следат со децении и тимот што беше и остана срцето на оваа компанија.

Патот од една аптека до национален синџир со 123 аптеки не е краток. Што беше најпресудно за ваков развој?

– Пресудно беше што никогаш не брзавме да се прошириме по секоја цена. Верувавме дека бренд се гради со квалитет. Нашиот пристап секогаш бил многу јасен: модерни аптеки, професионални фармацевти и искрена грижа за луѓето.

Втората пресудна работа беа партнерствата со глобални фармацевтски и козметички компании. Ниту едно од тие партнерства не дојде преку ноќ. Напротив, секој сериозен бренд и компанија најнапред „скенираат“ дали на локалниот пазар постои сериозен партнер, па потоа ги испитуваат неговите капацитети, за на крајот да донесат одлука. А, ние отсекогаш сме покажувале професионализам, познавање на пазарот и беспрекорна организација. Тоа ни ги донесе брендовите – Dr. Wolz, Microlife, Fysioline, Coswell и многу други, па сѐ до Jamieson, како еден од најреномираните премиум светски брендови за витамини и додатоци во исхраната – кои што денес се дел од Еурофарм и ни овозможија да понудиме квалитет што инаку не би бил достапен.

Но, најпресудна беше третата работа: нашето семејство. И тука не мислам само на моето семејство, туку на компанијата која за нас е едно големо семејство. Тоа е семејна приказна создадена со работа, со доверба и со многу вложување. Фактот што денес и следната генерација  е дел од компанијата, за мене претставува еден од најголемите лични успеси.

Еурофарм е препознатлив и по општествената одговорност и по поддршката на заедницата. Кои проекти Ви носат најголема лична сатисфакција?

– Секој проект што има човечка вредност ми е посебно драг. Посебно ме радуваат програмите за поддршка на спортот и здравиот живот, донациите во училиштата и здравствените установи, поддршката на локални институции, настаните за деца, маратони, младински спортови… Тоа се иницијативи што оставаат трага и што ја покажуваат нашата посветеност кон заедницата.

Особено сум горда на проектот „Семејно здравје“, за кој ја добивме и Националната награда за општествена одговорност. Верувам дека успехот што го остварува компанијата има вистинско значење само ако е споделен со заедницата на која и припаѓа и каде што работи и создава. Тоа го правиме веќе 25 години и ќе продолжиме да го правиме во иднина.

Дел од вашата поддршка за заедницата е и партнерството со РК Еурофарм Пелистер. Што беше пресудно за да ја почнете оваа соработка?

–   Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер е дел од идентитетот на Битола, но истовремено е клуб со богата и долга спортска традиција, како еден од најтрофејните македонски ракометни клубови.  Нашата соработка со клубот произлезе од искрената љубов кон овој спорт во нашето семејство и од желбата да ги поддржиме младоста, тимскиот дух и упорноста. Пресудно беше тоа што и во ракометот и во бизнисот делиме исти вредности: дисциплина, стратегија и срце! За нас ова партнерство е инвестиција во нашиот спорт и нашите млади таленти.

Од позиција на жена лидер во една строго регулирана индустрија – кои предизвици ги поминавте и што ве научија?

– На почетокот предизвикот беше да бидеш сериозно сфатена. Не затоа што си жена, туку затоа што си млад претприемач што се обидува да гради нешто ново. Фармацијата бара дисциплина, знаење, одговорност. Тоа понекогаш знае да тежи.

Но, верувам дека жените во себе носат вредности што се многу корисни за оваа професија, тоа се емпатијата, силната интуиција и организираност. Не се обидував да „глумам“ нешто што не сум. Го градев сопствениот стил на лидерство. И денес, кога гледам дека голем дел од менаџерскиот кадар во Еурофарм се жени, чувствувам гордост што сме создале средина во која талентот е поважен од сè друго.

25 години развој на Еурофарм се и личен пат. Кои лекции ќе ги понесете со себе како најважни?

– Научив дека вреди да се биде трпелив, но истраен. И дека среќата е во балансот. Во тоа да се разбудиш наутро со чувство дека правиш нешто што има смисла и дека притоа не си изгубил ниту топлина, ниту човечност. Среќа е кога ќе се вратиш дома и ќе знаеш дека твојот труд некому му донел вредност. Гордоста на професионален план е голема, но личната исполнетост доаѓа од малите нешта: семејството, пријателите и насмевката на задоволен пациент. На крајот, тоа е вистинската мерка за успех.

И за крај – како изгледа иднината на Еурофарм по овој јубилеј?

– Иднината ја гледам како продолжување на успешната приказна, но со нова енергија. Ќе инвестираме во дигитални услуги, во модерни фармацевтски решенија, во образование на фармацевтите, во уште попристапни аптеки. Но најважно, ќе продолжиме да бидеме човечки бренд. Свесна сум дека здравството се менува, технологијата се менува, но довербата останува најважна. Нашата мисија за следните 10 години е многу едноставна: секој пациент да се чувствува сигурно, разбрано и поддржано.

И ако по 25 години можам да кажам дека оваа приказна ќе продолжи да расте и напредува преку ангажманот на следната генерација, тогаш ова не е само уште еден јубилеј, туку најубавата потврда дека сме на вистинскиот пат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести