Откако одбраната на сите обвинети за трагедијата во Кочани заврши со воведните зборови, на денешното рочиште сведочеше првиот сведок на Основното јавно обвинителство, Дејан Николов.
Тој е сопственик на авто-лимарски сервис, кој се наоѓа веднаш до т.н. дискотека од 2009 година, па од 2012 година па натака имал можност да види како објектот на т.н. дискотека се пренаменува и реновира. Таму претходно имало конфекција и магацин за ташни.
И тој самиот одел во т.н. дискотека и имал можност да види како изгледа внатрешноста и што било сменето при реновирањето.
-Се уште стојат прозорците од надвор, но внатре тие се затворени и не се гледаат, рече тој, појаснувајќи дека и прозорецот од западната страна кон гледал кон неговиот сервис исто така бил соѕидан.
Рече дека во објектот имало една алуминиумска и една “каубојска“ врата, а билетарницата се наоѓала десно од главниот влез и била поврзана со главниот дел на дискотеката.
За задната врата од претходно разговарал со обвинетиот Дејан Јованов Деко, сопственикот на „Пулс“. Го прашал зошто ја заклучува, а тој му одговорил дека тоа го направил за да спречи луѓе да влегуваат без карти.
Потврди и дека кобната вечер во т.н. дискотека имало многу луѓе, а на прашањето на Обвинителството, дали видел ознака за евакуација во дискотеката, рече дека таа вечер не забележал таква, но претходно мисли дека имало знак веднаш по “каубојската“ врата, иако, како што рече, не е сигурен дали светел.
И кобната вечер со пријатели отишол во т.н. дискотека, во која претходно бил и неговиот син.
Со пријател излегол надвор да пушат цигари, по што останал со пријателите на неговиот син. Неколку минути подоцна другар на син му ги информирал дека т.н. дискотека се запалила.
-Мојот син тргна да види за што се работи. Јас го фатив за рака и му реков почекај сине, бидејќи видов дека излегува дим и се слушаат чудни звуци. Тогаш сфатив дека е нешто сериозно. Забележав дека снема струја и тогаш почнаа да се слушат големи викотници, страшно беше, рече тој, раскажувајќи дека го зел најблиското црево и почнал да прска кон вентилаторот.
-Потоа ги скршивме прозорците од женскиот тоалет однадвор од каде што се слушаа звуци. На самите решетки се фатија девојчиња. Пискаа! Јас пробав да ги смирам и тогаш одлучив да ги прскам со вода. Децата ми велеа: „чичко прскај повеќе вода, поубаво дишеме“, рече тој, посочувајќи дека пожарникарите стигнале брзо.
Имал перцепција дека има повредени, но не и жртви.
-Потоа откако помина, како цела вечност ми се виде, ги внесов децата во работилницата, направив раствор од сода бикарбона и шеќер, бидејќи видно беа потресени, а и јас исто. Секојдневно го гледам тој филм.
Имав перцепција дека има повредени, а нема жртви.
Некаде накај 5:30 часот ја отворам мојата капија, ги пуштив децата да поминат, веќе заврши, а во меѓувреме ја исклучив мојата струја за не дај боже нешто да не се случи. Тогаш син ми кажа, само што излеговме, „тато изгледа има жртви, има тела“.
Го фатив само за рака и продолживме напред. Видов три тела до оградата, не гледав ништо само сакав да ги однесам децата дома, рече меѓу друго Николов.
Судењето продолжува на 29. декември.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дали и присуството на цијанид било причина за смрт, прашуваат родителите на загинатите во Кочани
Александар Нацев не е вистинскиот сопственик на „Рубикон“, кажа неговата одбрана
Фото: Игор Бансколиев














