По повод одбележувањето на 34-годишнината од создавањето на независна Македонија, премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на Свечената академија во Македонска филхармонија под слоганот „Од сон до реалност, за вечност.“
Зборувајќи за повеќе теми посветени на надворешната и внатрешна политика, економијата, отворено говореше за потфрлањето на државата за овие три и половина децении постоење на независна македонска држава, а тоа е, како што рече „чувството на разочараност од системот“.
„Тоа може да се забележи и во колективната слика за состојбата на една нација низ секојдневното опстојување, дури и на социјалните мрежи. Многу гнев, насобрана омраза, постојани навреди, клевети, кавги и лоши пораки.
Причините за таква разочараност кај граѓаните се пред сè поради примерите кои ги даваа политичките елити сите овие години.
И во ова мое обраќање не сакам да зборувам за партиските пресметки, ниту пак целта ми е да гледам низ призмата на партиските битки, туку говорам за државничките позиции и анализи кои мора сите одговорни да ги имаат во своите политички патокази.
Тоа незадоволство од системот е пред сè поради неправедното водење на политиките, на страшно мачната транзиција, на многу силен криминал кој ја разјаде секоја силна пора во ова наше општество, на неправдите кои ги гледаа, на фактот што многумина ја водеа државата и одлучуваа за судбините на другите, а беа истовремено дел од криминалниот канцер кој ја разјадуваше државата и се смееја на лицето на правдата. И затоа е впечатокот дека тие кои нечесно заработуваат, не одговараат и не лежат во затвор.
Ова мора да се смени, а правдата да не прави разлика кој од каде е, кој од која политичка страна доаѓа и кој колку пари има, туку дали го прекршил законот или не, дали сторил криминал или не. И оние кои мислат или се прикажуваат за заштитени од одговорност треба да знаат-сега или малку подоцна правдата е неизбежна и ќе ги стигне. Нема да има милост за оние кои го крадат народот. Едноставно е,“ рече Мицкоски.
Тој се осврна и на проблемот со „белата чума“, и фактот дека не има се помалку.
„Може ние да се расправаме за патишта, клучки, за даноци, плати и пензии. Но залудно е ако имаме сè помалку луѓе. Ако наталитетот е во рецесија. Залудно правиме патишта ако нема кој да вози по нив, да градиме училишта ако клупите се празни или да градиме игралишта ако нема детски жагор во нив. Залудни се сите наши борби и грижи ако за 70 до 100 години народот ни се преполови, игралиштата станат празни, клупите без ученици. Ние не сме многуброен народ, а прашањето за наталитетот е прашање за нашата егзистенција и како нација и како држава.
Во Битола, во 2015 година, прво одделение започнаа 960 првачиња. Десет години подоцна, оваа 2025 година, бројот е само 651 дете. За една деценија изгубивме повеќе од 300 ученици-една цела генерација што ја нема. Во Тетово, каде пак миграцијата од село во град е голема, во 2022 година имавме 1076 првачиња, а оваа година само 940. Рецесија од 136 првачиња за само три години.
Во Охрид, во 2022 имаше 560, а во 2025-едвај 440 деца. Тоа значи дека секоја паралелка се гаси пред нашите очи. Најдраматичен е примерот на Радовиш: во 2022 година имаше 208 првачиња, а оваа година-само 139. За три години, речиси 70 првачиња помалку.
Овие бројки не се само статистика. Тие се приказни за затворени училници, за празни игралишта, за мали градови и села што полека се празнат. Веќе стара вест е дека селата се празнат, сега полека и градовите се празнат. Мораме да ја кажеме вистината: за жал не има сè помалку, и ова е колективна одговорност. Секој треба да преземе дел од оваа одговорност. Затоа наталитетот е врвен национален приоритет и затоа овој 8 Септември говорам многу отворено за ова,“ додаде тој.
Мицкоски рече дека Владата е решена да изгради систем кој ќе ја охрабри младата генерација да остане тука, да создаде семејство и да верува во својата иднина дома.
За наредната година најави дека ќе биде година на економски успеси и реално подобар животен стандард.
„Денес пред нас стојат големи предизвици, но и големи можности. Економијата закрепнува, нови инвестиции отвораат работни места, а стандардот на граѓаните постепено се подобрува. Тоа е патот по кој сакаме да одиме- пат на сигурност, стабилност и надеж,“ рече меѓудругото Мицкоски.