Групата ДНК и надлежните институции биле виновни за пожарот во т.н. дискотека во Кочани, рече на денешното рочиште адвокатката на обвинетиот Дејан Јованов-Деко, сопственикот на “Пулс“, Ивана Коцевска.
Таа во своето излагање рече дека тој не бил монструм, а бидејќи не бил стручно лице, неможел да биде свесен за пропустите во т.н. дискотека.
Според неа пиротехниката, поради која избувна пожарот, не била пријавена кај надлежните, ниту кај Јованов, и дека инспекциските служби никогаш не му предочиле на Јованов било каква законска пропуст од отворањето на т.н. дискотека до критичниот ден.
-Групата сама ја инсталирала и употребувала пиротехниката, а за тоа понудивме и докази од нивни претходни настапи, рече таа.
Коцевска потенцираше дека кај Јованов не постои одговорност за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, за кое е обвинет.
-Дејан уште од самиот почеток кога го зел објектот под закуп ангажирал проектантско друштво за изготвување на основен проект, со елаборат за заштита од опасни материи, решение за користење на паркинг, а бил изготвен план за заштита и спасување.
Вака подготвените документи биле доставени до Општина Кочани, МВР, Државниот пазарен инспекторат…
На крајот Министерството за економија му издало лиценца за работа, која му била издавана во наредните 13 години. За натамошни неправилности тој не можел да биде свесен, туку за тоа биле надлежни институциите, рече таа меѓудругото.
Јованов пак кажа дека во затвор девет месеци секојдневно ја преживувал кобната ноќ и дека како родител цело време водел грижа за безбедноста на гостите во т.н. дискотека.
Меѓудругото кажа и дека не знаел зошто во случајот е обвинет и неговиот син, Михајло Јованов, кој според него немал никакви допирни точки со т.н. дискотека.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Никој од обвинетите за трагедијата во Кочани не чувствува вина
Во ќелија на обвинет за трагедијата во Кочани најдени 13 мобилни и лап топ
Фото: Игор Бансколиев














