Сите државни институции и јавни правни лица имаат обврска најдоцна до 15. септември 2025 година да ги заменат регистарските таблици на службените возила со нови, специјални таблици во боја, информираат од Влада.
Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
„Целта на оваа мерка е јасна: зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила. Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели.
Во наредниот период ќе биде отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените автомобили. Секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно законските процедури.
Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, кој ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење“, велат од Владата.