Драматичен финиш: ШК Алкалоид повторно шампион, ШК Мулти Есенс непоразен до второто место!

Во трилер-завршница, која ги изненади и најголемите оптимисти, ШК Алкалоид во последното седмо коло од Екипното првенство на Македонија со нерешен резултат 3:3 успеа да стигне до својата 27. титула, сметано од 1992 година до денес, при што тринаесетта во низа.

Ждрепката сакаше најтрофејниот шаховски колектив на Македонија токму на крајот да игра со младите играчи кои потекнуваат од школата на Алкалоид, но мечот се претвори во можност за сензација, па само сталоженоста и квалитетот на играње под висок притисок им помогна на сениорите да успеат да се вратат во игра, откако резултатот беше 3:1 за ШК Мулти Есенс.

Изненадувањето во мечот започна со триумфот на Кирил Николовски на шестата табла, кој го казни грубиот превид на ВМ Звонко Станојоски, по што следуваше и триумфот на втората табла, каде што ВМ Лука Дршаковиќ го надигра ВМ Велимир Ивиќ. Ремито на првата табла, ВМ Александар Инѓиќ против ВМ Леон Ливајиќ, не беше изненадување, но затоа на четвртата табла ИМ Емил Ристески се намачи за да дојде до реми со Стојан Велкоски. Во финишот ИМ Филип Панчевски го совлада Михаил Јорданов на третата табла, а ИМ Тони Лазов блесна во завршницата за да го израмни резултатот во мечот со победа над Матео Ефтовски.

Тоа донесе апсолутен триумф за овие два клуба на конечната табела од Шампионатот. ШК Алкалоид е прв со 13 бода (6 победи и еден нерешен меч), а ШК Мулти Есенс е втор со 12 бода (5 победи и два нерешени меча). И двете екипи останаа непоразени на Шампионатот.

– Со години наназад друг клуб беше наш ривал во борбата за првото место, па откако беше обезбедена таа победа во 4. коло, надвладеа оптимизмот дека работата е завршена. Во меѓувреме младинците од ШК Мулти Есенс играа сѐ подобро од меч во меч и стекнаа голема самодоверба. Тие имаа сѐ што ѝ е потребно на една екипа за успех и навистина ја направија борбата за титулата драматична. Уште еднаш се покажа дека титулите и рејтингот не играат сами, туку победите ги носат играчите кои ќе останат смирени и фокусирани во текот на целата партија и нема да направат грешки.

Оваа титула на ШК Алкалоид се должи само на искуството на играчите, кои подобро се снајдоа во последните минути од мечот, додека за ШК Мулти Есенс ова второ место сигурен сум дека има вредност како да се први, бидејќи лани влегоа во елитното друштво и оваа година имаа цел да изборат опстанок, а се случи сензација, изјави ВМ Драган Јаќимовиќ, капитен на ШК Алкалоид.

За шампионскиот тим на Алкалоид, покрај интернационалците ВМ Александар Инѓиќ (актуелен европски шампион) и ВМ Велимир Ивиќ на првите две табли, настапија уште и ИМ Филип Панчевски, ИМ Емил Ристески, ИМ Тони Лазов и „велемајсторската гарда“ составена од ВМ Трајко Недев, ВМ Звонко Станојоски и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

Целосната доминација на ШК Алкалоид на овогодинешните шампионати е комплетирана, со оглед дека претходно женскиот тим на ШК Алкалоид ја освои титулата кај дамите, каде што ИМ Лела Јавакишвили и ВМ Бела Котенашвили играа заедно со ЖИМ Габриела Коскоска, ЖФМ Моника Стојковска, ЖФМ Моника Жежовска и Леа Ефтовска.

Во освојувањето на второто место кај ШК Мулти Есенс учествуваа ВМ Леон Ливајиќ и ВМ Лука Драшковиќ, заедно со Михаил Јорданов, Теодор Јовановски, Стојан Велкоски, Матео Ефтовски, Кирил Николовски и Дино Табаковски. Ситемомчиња кои денес се на возраст од дваесетина години од најрана возраст ја учат шаховската игра во јуниорската шаховска школа на Алкалоид.

Следен предизвик за ШК Алкалоид ќе биде новиот настап на Европскиот клупски куп, кој е на програмата од 18 до 26. октомври во Грција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести