ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја, порача претседателот на Словачка од Скопје

Силни пораки до Европската унија (ЕУ) испрати денеска од Скопје, претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, кој денеска и утре е во посета на Македонија.

Тој повтори дека Словачка е голем поддржувач на евроинтеграциите на земјава и дека целосно ќе го поддржи нејзиното пристапување, затоа што според него тоа е вистинската перспектива и вистинскиот начин на којшто ќе се напредува.

-Но, ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја затоа што доаѓа момент кога луѓето едноставно ќе престанат да и веруваат на ЕУ и можат едноставно да кажат дека не сакаат да бидат членка на овој клуб, затоа што по децении напорни вложувања и мачни реформи тие едноставно нема да го прифатат тоа, рече тој на заедничката прес-конференција со неговата македонска колешка Гордана Сиљановска Давкова.

Тој ја критикуваше ЕУ дека постојано поставува нови услови за Македонија и според него со тоа Унијата прави голема грешка, бидејќи ќе ја изгуби динамиката на проширување.

-Интеграцијата на вашата земја во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови и се согласувам со укажувањето дека пристапниот процес за земјата треба да се заснова само на исполнувањето на критериумите и ниту една земја не треба да го злоупотребува тоа, само за да може да се занимава со сопствените прашања и притоа да го забавува вашиот процес на пристапување, што е речиси еден вид уцена, рече тој и потсети дека земјава морала да донесе тешки одлуки, како што е промената на името и дека сме дел од претпристапниот процес над 20 години.

-И покрај тоа се уште немаме одговор на прашањето кога вашата земја ќе се приклучи кон ЕУ. Унијата ризикува со овој процес. Ние како Словчака сме на ваша страна и ќе ве поддржуваме на сите можни начини затоа што веруваме дека иднината на ЕУ лежи во проширувањето, а сето тоа и безбедносно е важно, особено во овој регион и уверен сум дека имате цврсто место во ЕУ.

Од страна на ЕУ ние мора да бидеме мошне чесни и да кажеме дали сме правични или само сакаме да го оддолжиме овој процес, рече Пелегрини, подвлекувајќи дека Унијата во моментов се соочува со криза, а она што е најлошо според него е дека ЕУ веќе не е гледана како еден од најважните и најсилни економски пазари во светот.

На прашање за можноста одлуките во ЕУ да се носат по пат на кваилификувано мнозинство, тој кажа дека на тој начин би се изгубил гласот на помалите држави.

-Сите ние во ЕУ имаме ист глас, а сега сме загрижени дека ако го премостиме овој процес на квалификувано мнозинство, тогаш може да се случи големите играчи во ЕУ да диктираат и нема помалите да можат да кажат што треба да се прави. Затоа тука сме мошне претпазливи и повеќе би сакале да го задржиме правото на вето и исто така единствен глас за секоја земја со цел да можеме да го елиминираме диктатот на големите земји, рече тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе одлучува ли ЕУ со квалификувано мнозинство? Засега 16 членки се за

Фото: Кабинет на претседателката

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести