Граѓаните од денеска можат да пријавуваат случаи на незаконита, партиска или приватна употреба на службени возила, на 070 399 050 и на електронската адреса [email protected], како дел од мерките на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за ставање крај на злоупотребите на службените возила и зголемување на транспарентноста, информираат од таму.
За полесно препознавање на возилата, веќе во процедура е унифицирањето на возилата со специјалните регистарски таблици, кои се лесно видливи и јасно ги разликуваат службените од приватните возила.
Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, денеска ја посети Општина Гази Баба која е првата скопска општина која веќе комплетно изврши замена на таблиците на служените возила, а процедурата, како што посочи Томовски, е при крај во речиси сите општини, како и во повеќето државни институции.
Томовски информираше дека до овој момент, над 500 службени возила низ земјава веќе се со новите таблици, а голем дел се во постапка и очекува таа да биде завршена во наредниве две недели до кога е и рокот за унифицирање на возилата со специјалните таблици.
„Ги охрабрувам граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за злоупотреби. Ние ќе ги препраќаме до надлежната институција, за да се пристапи кон истражување и потврдување на евентуална злоупотреба и преземање на соодветни казни“, изјави Томовски кој истовремено ги повика сите институции да направат рационализација на возниот парк.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефановски рече дека со новите таблици, комплетно се спречува користење на службените возила за приватни цели.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Службените автомобили ќе се распознаваат по регистарските таблички во боја
Фото/Влада