Fashion Weekend Skopje 31: Ден на младите визии, текстилните метаморфози и урбаната елеганција

Под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“, четвртиот ден од Fashion Weekend Skopje 31 powered by UniBank и поддржан од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес, го претвори просторот на Diamond of Skopje, Carat Office во јадро на современата македонска модна сцена, преку прецизно куриран простор каде идеите за одржливост, културна меморија и иновација се преточија во разговор меѓу дизајнот и општеството.

Денот го отворија студентите на Академијата за моден дизајн СКАЛА – Ивана Гијовска, Алија Демиралиески, Јована Спасеновска, Бојана Хаџиева и Ивана Груевска со колекции што зборуваат на јазикот на експериментот, рециклираните материјали и урбаната женственост. Нивните силуети беа искрени, понекогаш сурови, но секогаш со став.

Од таму, вниманието се префрли на студентите од International Fashion Institute “Izet Curi” – Алејна Мамути, Арбеса Абази, Фикрије Мема, Јета Морина, Мартина Андреевска и НазлишахТхаќи, кои ја претворија пистата во жив дијалог меѓу традицијата на кројот и новата дигитална чувствителност. Тоа беше мода што не се плаши да праша „зошто“ и „што следува понатаму“.

Дешира Кахримани ја отвори вечерната програма со колекција што мирисаше на луксуз и топлина. Кадифето и сатенот, нејзините препознатливи материјали, овојпат беа прошарани со детали што фино ги поврзаа гламурот и класиката. ByDeshir е бренд кој говори со мекост, но остава впечаток кој трае.

На оваа вечер, UNIBank создаде своја модна мапа со светла, музика и атмосфера што наликуваше на арт-инсталација за новиот урбан животен стил. Фокусот беше на UniQ пакетот за млади, под мотото „Плаќај лесно, живеј гласно“, идеја што ја отсликува младата генерација како креативна, мобилна и самостојна.

Во паралелната програма, Fashion & Crafts Exhibition ја претстави изложбата „Текстилни метаморфози – од традиција до современост“, проект на проф. проф. д-р Јасмина Пиличкова Ристовска, Петар Новковски и Ана Трајковска. Изложбата ги истражува корените на македонскиот текстил преку редизајн на автентични ткајачки мотиви, претворајќи ги во дигитални силуети – приказ на тоа како традицијата може да биде најмодерната форма на иднината.

Во продолжение на програмата „Мода и занаети: FWSK“, беше изложен и рачно ткаениот тепих, создаден како заеднички проект на Еснаф Хендмејд и студентите од International Balkan University (IBU). Под менторство на Изабела Соколовска, креаторка и менаџерка на Esnaf Handmade, тепихот беше ткаен во текот на неколкудневната интерактивна работилница. Изработен со техника на јамки и природни материјали, овој уникатен текстилен објект симболично ги поврзува природата и уметноста, занаетот и современиот дизајн.

Во рамките на Fashion Weekend Skopje 31, завршениот тепих беше изложен како дело што ја претвора традицијата во современа уметност , како визуелен мост помеѓу рачната изработка и иднината на одржливиот дизајн.

Вечерта продолжи со јасен авторски потпис под брендот A2 Atelier, на Анастасија Атанасовска која ја презентираше својата најнова колекција, во која архитектонската структура на облеката се сретна со суптилната женственост. Чистите линии, геометриските кроеви и совршениот баланс помеѓу форма и движење создадоа впечаток на модна дисциплина што инспирира.

MINNIMAL ја затвори вечерта под концептот “5 Years, One Identity” со Колекцијата „Apollo II“ колекцијата што ја слави празнината како форма.

Во нивниот препознатлив универзум, секој сантиметар ткаенина е контролиран, секоја линија прецизна, секој детал осмислен. Но оваа вечер модата не беше само визуелно доживување, беше перформанс ревија и вечера што ги спои модата и молекуларната гастрономија во едно искуство на сетилата.

Јана Клопчевска ја претвори пистата во маса, а масата во сцена. Колекцијата „Apollo II“ се појави во синергија со специјално подготвено мени од нејзините иновации во молекуларната кујна, како алхемија на форма, вкус и светлина, односно современа ода на минимализмот и моќта на тивките детали.

Фото: Ѓоргји Ристоски

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести