„Finance Talks by EOS“: Дигитализацијата ќе поткине развој на нови услуги базирани на потребите на корисниците

Дигитализацијата на финансискиот сектор е клучен процес за креирање на одржлива платформа за раст, а  развојот и имплементацијата на нови дигитални алатки и иновации ќе продолжи целосно да го менува обликот на финансиските услуги. Мобилните апликации ќе станат главна алатка во финансискиот сектор и во нивен развој треба најмногу да се инвестира, беше констатирано на годинешното издание на „Finance Talks by EOS“.

Преку дигитални алатки и користење на вештачка интелигенција за 20% се намалиле загубите на финансиските институции. Истовремено за 15% се зголемиле приходите како резултат на дигитални алатки, креирани за персонализирани финансиски услуги.

Извршната директорка на EOS Матрикс за Македонија и Косово, Катерина Бошевска поттикна дискусија за водечките теми во глобалната финансиска индустрија, поврзани со дигиталната трансформација.

„Сведоци сме на клучни промени во финансискиот сектор, кои се поттикнати од дигитализацијата, употребата на вештачката интелигенција и иновациите. Овие процеси креираат многу нови можности, но истовремено се соочуваме со нови предизвици за чие решавање е важнa соработката помеѓу сите чинители, особено на мал пазар како што е нашиот.  

Ние мораме да ја спроведуваме дигиталната трансформација на секторот со забрзано темпо, но и да ги оптимизираме трошоците за овој процес согласно можностите на пазарот. Оттука, размената на искуствата и силната соработка ќе биде основа за иден дигитален развој, кој ќе мора да ги задоволи сѐ поголемите очекувања на корисниците“, истакна Бошевска.

На панелот учествуваа Евангелија Калуптси, генерална директорка за трансформација и стратегија и член на Управен одбор на Стопанска банка АД Скопје, Александар Џорџевиќ, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, Дане Крстевски, директор за информатичка технологија во Народна банка и Владо Митев, главен извршен директор на софтверската компанија IWConnect.

Во своето излагање Калуптси истакна дека дигитализацијата е трансформативен процес кој ги менува работите од корен. „За овој процес да биде успешен, неминовно е луѓето да се подготват, да бидат информирани и да се вклучат во неговата имплементација, бидејќи без соодветна поддршка од луѓето нема да можеме да ја завршиме трансформацијата до крај“, додаде Калуптси. 

Според податоците, само 6% од луѓето добиле кредит преку он-лајн процедура, што е многу малку. Џорџевиќ потенцираше дека треба да се интензивира работата на полето на дигитализација, а тоа, покрај другото, значи  дека треба да го промениме целиот концепт што го познаваме денес. „Тоа е целта и за тоа треба да работиме. Мораме да го промениме начинот на размислување и начинот на делување“, додаде тој.

Народната банка во поглед на дигитализацијата работи на две нивоа, односно на внатрешна и  надворешна дигитализација. Крстевски истакна дека се работи за софистициран процес за кој се потребни соодветни човечки ресурси, технологија и инвестиции, што на мал пазар е предизвик.

„Треба да ги симплифицираме процесите и да ги адаптираме на нашиот пазар и потреби, за да инвестираме паметно во тоа што треба. Исто така, важна е соработката помеѓу сите чинители, помеѓу банките и институциите, особено во одредени области како што е електронската сигурност“, истакна Крстевски.

Митев потенцираше дека процесот на дигитализација е многу егзактна наука од технички аспект, но голем предизвик е едукацијата и создавањето на соодветна култура кај луѓето, за кои се наменети овие услуги.

„Дигитализацијата создаде нови постулати во процесите, а тоа се брзина, сигурност, доверливост и персонализација. Ова се најважните категории, кои понатаму ќе се развиваат согласно барањата на пазарот“, додаде тој.

Во рамките на „Finance Talks by EOS“ беше констатирано дека скоро 80% од финансиските институции користат вештачка интелигенција за заштита и препознавање на измами и злоупотреби. Безбедноста на системите останува клучен императив во процесот на дигитализација, но мора да продолжат и инвестициите во иновации и развој на пазарот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести