(Фото) 30 години дипломатски односи со САД: Агелер најави проширувањe на трговските врски и борба против корупцијата

Македонија и Соединетите Американски Држави одбележаа 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и по тој повод целиот државен врв и амбасадорката Анџела Агелер, присуствуваа на свеченост во Клуб на пратеници.

Агелер посебно ја истакна соработката во областа на одбраната, заедничките мировни акции, а се осврна и на проширување на трговските врски, борба против корупцијата, модернизација на соработката во одбраната, поддршка на дигиталната трансформација, изградба на енергетската инфраструктура за обезбедување независност и раст.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека тридецениското партнерство со САД му помогнале на македонскиот народ да стане посилен послободен и поуспешен.

„Од првите денови на независноста македонскиот народ чувствуваше дека САД стојат покрај него. Во клучни мигови таа поддршка беше одлучувачка. Особено ја паметиме одлуката од 2004 година за признавање на нашето уставно име. Чин што остави длабока трага во срцата на македонскиот народ и потврди дека нашата демократија и нашата независност се важни.

Нашата соработка доби институционална рамка со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година, а во 2022 година во Вашингтон ја унапредивме со воспоставување на Стратешкиот дијалог, механизам кој отвора пат за подлабока соработка во безбедноста, економијата, енергетиката и образованието,“ рече Муцунски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека САД остануваат искрен сојузник и пријател, поддржувајќи ги нашите реформи и напори во борбата против организираниот криминал, корупцијата и сите безбедносни закани.

„Во овие три децении изградивме доверба и партнерство кое денес се темели и во рамките на сојузништвото во НАТО. Заедно работиме за посигурна, стабилна и просперитетна иднина за нашите граѓани. Убеден сум дека ова партнерство ќе продолжи да расте и да носи нови успеси,“ напиша Тошковски на социјалните мрежи.

Фото/Тошковски-Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести