Златни песочни плажи, извонредни природни пејзажи со скриено езеро, пазари на кои можете да најдете сѐ и сешто, превкусна храна, надополнето со богата историја. Тоа се само дел од причините зошто треба да го посетите Дидим, шармантен, и во исто време спокоен град на егејскиот брег на Туркије. Лесно достапен од аеродромите во Бодрум, Мугла и Измир, Дидим има и богат избор на сместувачки капацитети – од луксузни хотели со пет ѕвезди, до пријатни бутик-хотели.

Доколку ги посетите плажите на Дидим, ќе пливате во илјада нијанси на сината боја. Најпознатата е Алтинкум, што буквално значи „златен песок“, но нема да погрешите и ако појдете до други мирни места, како што се плажите Сарикум, Хузур и Акбук. За оние, пак, кои бараат авантура, дневните тури со брод се одлични за откривање на скриените заливи на Дидим. Таму можете да нуркате и да ги истражите плитките гребени со изобилство риби и антички амфори, како и намерно потонатиот поранешен брод на крајбрежната стража.
Градот плени и со своето богато античко наследство, бидејќи своевремено бил античко светилиште на Милет, еден од најважните јонски градови. Храмот на Аполон, еден од најголемите во античкиот свет, како најзначаен пророчки центар, и до денес е релативно добро зачуван со урнатини од јонски столбови и со познатиот релјеф на Медуза изрезбарен во камен.
Дидим е дом и на прекрасни природни пејзажи, а таму се наоѓа и Бафа, најголемото езеро во Егејскиот регион и едно од клучните еколошки туристички места во земјата. Природниот парк на езерото има бројни патеки за пешачење, а е популарен за набљудување птици, бидејќи многу преселни видови живеат и се размножуваат во и околу езерото. Тоа има и три острови, а доколку некој од посетителите сака да ги истражува, достапна му е и опцијата за изнајмување брод.

Не заборавајте ги ниту автентичните пазари со локални и органски производи. Таму ќе најдете сѐ, од широк спектар на сезонско овошје и зеленчук, до рачно изработени производи од текстил и керамика и ќе ја доживеете локалната култура, ќе ги пробате омилените улични закуски, а можете да си купите и органско маслиново масло и мед или други подароци за вашите најблиски.
Љубителите на добриот залак во Дидим ќе уживаат во извонредните вкусови на егејската кујна. Појадоците се традиционални, со свеж зеленчук, маслинки, крцкав локален леб натопен во екстра девствено маслиново масло и домашни џемови направени од смокви и грозје. Ручекот и вечерата, пак, се служат како лесни главни јадења или предјадења заедно со салати во сите бои и свежо уловени морски плодови, па масите се полни со лаврак, орада, октопод, лигњи и ракчиња, подготвени со маслиново масло, сезонски зеленчук и автохтони зачински билки.