Известувач од Туркије за еМагазин.мк, Силвана Жежова
Покрај со запознавање на историјата на дел од арехолошките наоѓалишта во Анадолија, групата новинари од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина посети и некои од природните убавини кои го красат тој крај на Туркије.
Одмор на море е убаво, но Туркије може многу повеќе да понуди, како додадена вредност на туристичкото искуство. Од посета на езера, реки, планини до живописни предели и автентични села.
На лето, туристите од Македонија, најчесто ја посетуваат Анталија како и градовите покрај Егејско море,.Силните билатерални односи помеѓу двете држави се одразуваат и во туризмот, па оттука Турците се на врвот на листата на странски туристи, кои ја посетуваат нашата држава.
„Патувањата меѓу двете земји поттикнуваат не само културна размена, туку и деловна и уметничка соработка. Интересот од туристите од Македонија, постојано се зголемува. Во 2024 година, Турција пречека 246.626 посетители од Македонија, а во првите осум месеци од 2025 година, овој број достигна 160.121. Многу македонски тур-оператори активно ги промовираат егејските и медитеранските брегови на Турција, особено Анталија,“ велат од Турската агенцијата за промоција и развој на туризмот (ТГА) за еМагазин.мк.
За туристите од Македонија, нашиот туристички водич Еркан Орхан препорачува што треба да се посети, доколку се во Денизли, Ушак, Бурдур, Испарта.
„Денизли е оддалечен околу 2,5 часа од Анталија и Мугла и има аеродром, па затоа е град до кој лесно можете да стигнете. Неговите природни убавини како Памуккале, пештерата Каклик, Карахајт се места кои вреди да се посетат. Постојат многу убави антички градови како Хиераполис, Лаодикија (каде што се наоѓа една од седумте цркви споменати во Библијата) Триполис, Афродизијас.
Ушак е оддалечен околу два часа возење од Денизли. Се наоѓа помеѓу Егејското море и Централна Анадолија. Привлечни за туристите се кањонот Улубеј и античките градови како Блондус, каде што луѓето се нарекувале себеси Блондус Македонци. Значи, не само Хиераполис и Лаодикија, туку и Блондус ги носи трагите на Александар Македонски.
Сагаласос во Бурдур е многу убав антички град со траги од Римското Царство и е оддалечен само 94 км од Анталија. Антонин Нимпениум е задолжително место за посета.
Испарта е познат центар на рози и лаванди. Езерскиот округ е со прекрасни езера како Еирдир. Тука се наоѓа и скијачкиот центар Давраз,“ вели Орхан.
Памуккале
Доколку некоја дестинација е најпозната помеѓу туристите од Македонија, а е дел од факултативните посети кои ги нудат агенциите и хотелите, тоа е Памуккале. Познат е по базените со топла минерална вода, кои се полнат од 50 различни извори во областа на Хиерополис. Се смета дека водата е лековита и света.
Базените се формираат на тој начин што кога калциум карбонатот кој го има во изобилие во термалната вода, ќе дојде во контакт со кислородот се создаваат варовнички формации кои наликуваат на замрзнати водопади и мали базени што се налик на тераси.
Памукале е вклучен во речиси сите листи на „места што мора да се посетат“, и е под заштита на УНЕСКО.








Дел од базените се под заштита, а низ дел од нив е дозволена прошетка како и капење. Во октомври, кога ги посетивме исто така можете да се капете бидејќи водата е топла, а времето не е премногу жешко. При движењето треба особена внимателност, бидејќи при влезот е исклучително лизгав.
Античкиот базен познат и како базенот на Клеопатра е неповторливо искуство за капење. Пливате во термална вода која што е многу здрава, низ камења кои овде опстојуваат низ вековите. Кога го посетивме, истиот беше затворен заради реконструкција, која треба да заврши во следниот период.
Пештерата Каклик
Пештерата Каклик многу наликува на Памуккале, само што базените, варовниците, изворите се под земја, затоа и ја нарекуваат подземен Памуккале. Од таму е оддалечена 45 километри.
Терасите со базени за разлика од Памуккале се помали, долга е околу 190 метри и се разгледува кружно. Ќе завршите на истата точка, од која сте влегле. Нејзиното создавање траело 2,5 милиони години.










Кога ќе пристигнете, ќе ве пречека непријатниот мирис на сулфур, но впечатокот ќе го поправи неверојатната големина на сталактитите и сталагмитите кои ги има и во различни бои, изобилството на вода, која тече буквално и по патеката по која шетате.
Пештерата Каклик е налик на шетање низ некоја приказна од бајките. Се наоѓа на листата на заштита под УНЕСКО.
Кањон Улубеј
Кањонот Улубеј се наоѓа во близина на градот Ушак. Кањонот е втор најголем во светот, по Гранд кањон во Аризона. Неговата должина изнесува 77 километри и фасцинира со карпите обликувани од ветерот и водата низ вековите.









Здивот на посетителите го одзема стаклената тераса низ која кањонот се гледа во длабочина од 150 метри, а се ужива и во прекрасниот поглед и должината недоглед. Не е за луѓе кои се плашат од висина. Во близина има и патека која што е за планинарење и преку која може да се симнете до реката. А, како ќе се качите, не пробавме за да одговориме. Во кањонот има канали со вода, карпести гробници и пештери од античко време.
Мост Кландрас
Се верува дека мостот Кландрас првично бил изграден како аквадукт за време на фригискиот или лидискиот период. Овој аквадукт, сместен на потокот Баназ во кањонот Улубеј, носел изворска вода од источниот дел на кањонот до античкиот град Пепуза на растојание од 2,5 километри. Подоцна, аквадуктот почнал да се користи како пешачки мост, долг 24 и висок 17 метри.


Околу мостот има изградено патека за прошетка, места за фотографирање, а ние го посетивме во идеално време. Кога есента блесна во сиот свој колоритен сјај, кој природниот амбиент го обои со шаренило. Ако е точно верувањето дека секој човек во светот си има свој двојник, и истото важи и за местата, тогаш двојникот на Кландрас се наоѓа во Македонија. Патувањето кон него личи на Мариовскиот крај, а обликот на мостот на Зович.
Езерото Еирдир
Езерото Еирдир е четвртото најголемо езеро во Турција. Во медитеранскиот регион на Анадолија има 16, а во цела Турција 106 езера. Езерата во Анадолија се најдоа на листата „Топ 50 дестинации за патување“ за 2023 година и беа препорачани за посета од страна на светски познатото списание Travel + Leisure.
Еирдир е познато по своите плажи и кристално чиста вода. Во езерото има два мали острови, како продолжение на полуостровот. Јешил Ада се наоѓа на 1,5 км од центарот на градот Еирдир и ја сочувал својата автентичност со своите дрвени куќи, тесни улички, рибни ресторани, црквата „Св. Стефан“.






Од другата страна е Кан Ада кој е островче со големина од седум илјади квадратни метри помеѓу Еирдир и Јешил Ада. На островот нема никаква градба. Островот му бил доделен на Мустафа Кемал Ататурк како подарок од луѓето за време на неговата посета на Еирдир.
Над градот се наоѓа скијачкиот центар Давраз, од каде што се простира прекрасен поглед кон езерската шир. Овде постои и центар за обука на командоси, над кој на планината има напишано дека се бестрашни и храбри.
Полиња со рози и лаванда
Испарта е позната како „Град на розите“, каде што розите се одгледуваат повеќе од 100 години. Таму се наоѓа и едно од најголемото производство на производи од рози како масло од роза, вода од роза, разни козметички производи, но и деликатеси.
Нашиот домаќин во Испарта и водич Фатих Билгич, ни го објасни процесот на производство на производите од рози во Етнографскиот музеј во Испарта каде што ги има производите потребни за дестилација. И по надворешниот изглед на музејот, може да се заклучи дека розата всушност е симбол на градот.
„За едно литро масло од рози потребни се 4 тони цветови, затоа е и скапо на светскиот пазар. Испарта е еден од најголемите извозници на масло од рози во светот. Розите се берат од средината на мај до средината на јуни, и за истиот тој период треба да се обработат. Значи, се случува многу брзо бидејќи ако се задоцни, тогаш цветот на розата станува неупотреблив,“ објаснува Билгич.



Тој додава дека во тој период во Испарта се одржува и цветен фестивал, кој привлекува голем број на туристи од целиот свет.
Освен по розата, Испарта е позната и по полињата на лаванда кои се наоѓаат на три километри од кањонот Улубеј и се посебно атрактивни за време на летниот период кога цветаат. Тогаш се вистинска мамка за туристите, за да го овековечат виолетовиот момент.
Испарта остави впечаток на модерен и многу среден град, кој и на есен мириса на пролет. Од таму потекнува поранешниот турски премиер и претседател Сулејман Демирел па оттука институции, улици го носат неговото име. Голема е веројатноста, за време на неговите мандати, да се заложил Испарта да прерасне во еден важен трговски центар на Туркије.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: еМагазин.мк/ТГА














