(Фото) Меморијалната поставка на Петре М. Андреевски во Слоештица се наоѓа во одлична состојба, реагираат од Општина Демир Хисар

Градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски реагира на објавата на писателот Венко Андоновски, за наводна негрижа кон меморијалната поставка на Петре М. Андреевски во селото Слоештица. Според Најдовски, тврдењата се неточни и манипулативни.

„Меморијалната поставка се наоѓа во одлична состојба – и објектот и експонатите се редовно одржувани. Објектот е во сопственост на Општина Демир Хисар, а неговото управување е доверено на невладина организација избрана на јавен повик, спроведен и усвоен од страна на Советот на Општината, согласно сите законски и демократски процедури.

Во текот на последните четири години – односно во рамки на актуелниот мандат – Општина Демир Хисар спроведе повеќе конкретни активности за афирмација на ликот и делото на Петре М. Андреевски, меѓу кои: преименување на градската библиотека со неговото име, изработка на впечатливи мурали на Домот на културата посветени на неговото дело, поддршка на културни настани и проекти што ја слават неговата книжевна оставнина.

Сите овие активности се резултат на институционална грижа и се реализирани во овој мандат, во духот на почит кон националното културно наследство,“ се вели во соопштението од Општина Демир Хисар.

Од таму ја осудуваат практиката на јавни личности да шират непроверени и невистинити информации преку социјалните мрежи, без ниту обид за контакт или консултација со надлежните институции.

„Таквиот пристап не придонесува кон заштита на културните вредности, туку напротив – создава лажна слика и недоверба во институциите кои секојдневно вложуваат труд и средства во таа насока.

Јавната комуникација преку социјални мрежи, особено кога се заснова на дезинформации и претпоставки, е недозволив начин на однос кон сериозни теми како што е културното наследство.

Општина Демир Хисар ги охрабрува сите граѓани, културни дејци и јавни личности да соработуваат институционално и одговорно, а не преку сензационализам и злоупотреба на медиумскиот простор,“ се додава во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пропаѓа меморијалната постановка во чест на Петре М. Андреевски во Слоештица, апелира писателот Андоновски

Фото: Општина Демир Хисар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести