(Фото) Муцунски се сретна со Рубио, разговарале и за тарифите

Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во Вашингтон, САД, имаше средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио.

-На средбата ја потврдивме извонредната соработка меѓу двете држави, заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство. Притоа ја нагласив посветеноста на македонската влада кон унапредување на политичкиот дијалог со САД, како и конкретната заложба за институционализирање на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички Акционен план.

Разговаравме и за можностите за натамошно продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор во правец на намалување на тарифите и започнување процес за потпишување Договор за слободна трговија. Во оваа насока ја истакнав отвореноста на македонската влада за унапредување на економската соработка, привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во нашата земја.

Разменивме мислења и за безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што продолжуваме да даваме активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над 2% од БДП во одбранбениот сектор. Особено внимание посветивме на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан.

Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на САД, со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика и конкретни резултати, на билатерално, регионално и глобално ниво, напиша Муцунски за средбата на Фејсбук.

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести