(Фото) Престижната листа „Best of the world 2026“ го препорачува Црноморскиот брег во Туркије како една од најатрактивните дестинации

Црноморскиот брег на Туркије неодамна беше вклучен на престижната листа „Best of the world 2026“ на глобално познатиот и реномиран медиумски бренд за патувања, природа и култура National Geographic. Ваквото признание има големо значење за овој регион во Северна Туркије, претставувајќи го како алтернатива за патници што бараат авантура и сакаат да ја доживеат автентичната турска култура, далеку од метежот на познатите туристички места.

Best of the world е листа што секоја година се подготвува од уредниците и од туристичките експерти на National Geographic, а во неа се презентирани 25 дестинации во светот кои според нив се најинспиративни за посета во следната година.

Иако National Geographic забележува дека Црноморскиот регион сѐ уште е помалку познат, предвидува дека може да биде ставен на мапата на туристите, не само поради песочните плажи, туку и заради богатата архитектура, културното наследство, густите шуми, како и препознатливата регионална кујна. Овој регион се одликува со бујни природни предели, а впечатокот го дополнуваат традиционалните турски села, познати по својата смиреност.

Признанието „Best of the world 2026“ е континуитет на бројни други одликувања што ги има добиено Црноморскиот регион, меѓу кои вклучувањето на листата „Best places to visit in 2024“ на CNN Travel, како и на водичот „Best in travel 2025“ на Lonely Planet, со градовите Орду и Гиресун.

Црноморскиот брег во минатото бил центар на трговијата по Патот на свилата. Денес, пак, северноанадолските планини кои се дел од алпско-хималајскиот геолошки појас се полни со национални паркови. Препорака од National Geographic е туристите да ги посетат сталактитите и сталагмитите во пештерата Караџа во Гимушхане стари милиони години, да искусат рафтинг на реката Фиртина, или, пак, да доживеат возбудливо зиплајнинг искуство на платото Ајдер во Ризе.

Исто така, Црното Море е ретко место каде што во еден исти ден може и да се сурфа на бранови, и да се ужива во сноубординг или скијање на снег, зависно дали туристите се долу на песочните заливи, или, пак, се на повисоките точки, како што е Чамбаши во Орду и Овит во Ризе. Секако, се советува да се посетат и средновековните замоци, на пример Зил Кале во Ризе, Манастирот Сумела и Аја Софија во Трабзон, како и традиционалните населби.

Списанието се осврнува и на гастрономските искуства во регионот. Свежата риба и морските плодови се деликатеси кои доминираат, а најпознат е хамсили пилавот, односно ориз со сардели. Препорака е да се вкусат и кујмакот – појадок со пченкарно брашно и сирење, ќофтињата од Ачкаабат, разновидните пиди, сармите, како и Хамсикој сутлач – сладок оризов пудинг.

Орду и Гиресун се познати по тоа што оттаму потекнуваат најдобрите лешници, а Ризе, Трабзон и Артвин се прочуени по плантажите со чај. Во селото Ќеќева во Ризе се организираат тури за берба на чај, што се смета за едно од најавтентичните искуства на овој брег во Туркије.  

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Кањон втор по големина во светот, полиња со рози стари 100 години, подземен Памуккале: Туркије е многу повеќе од дестинација, само за море и плажа

(Фото) Туркије интензивно работи на светот да му ја раскаже приказната за цивилизациите кои се наоѓале на нејзините простори

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести