(Фото) Успешен настап на тимот на Клиника Жан Митрев на меѓународниот турнир во шутбал во Будимпешта

Тимот на Клиника Жан Митрев оствари забележителен успех на меѓународниот турнир во шутбал (walking football), кој се одржа од 11 до 13 јули на терените на клубот „Ференцварош“ во Будимпешта, Унгарија.

На турнирот учествуваа вкупно 16 екипи од Унгарија, Италија, Австрија, Израел, Англија и Македонија, во категории над 50 и над 60 години возраст, а натпреварите беа организирани под покровителство на Унгарската федерација.

Во силна конкуренција со реномирани екипи, меѓу кои и АС Рома од Рим, екипата на Жан Митрев Клиник го освои високото 8-мо место, постигнувајќи значителен број голови и оставајќи силен впечаток како достоен претставник на Република Македонија.

Овој успех е особено значаен имајќи предвид дека шутбал односно фудбал со одење, е спорт кој доживува експанзија во Европа и светот, а во некои од земјите-учеснички е веќе на значително повисоко развојно ниво.Покрај спортските резултати, тимот на Клиника Жан Митрев активно ја предводи иницијативата за развој и официјализирање на шутбал и во Македонија.

Очекувањата се дека до крајот на годинава, нашата земја, предводена токму од овој тим, ќе стане полноправна членка на Меѓународната федерација на Walking Football. Со тоа, Македонија ќе се вклучи уште посериозно во развојот на спортот кој носи здравствени и социјални бенефити за луѓето во постара возраст, кои и понатаму се чувствуваат активни и полни со енергија.

Според планот на екипата, веќе од септември се очекува почеток на формирање на национална „Македонска лига“ со повеќе домашни тимови, што претставува нова страница во спортската сцена на земјата. Дополнително, во текот на следната година, Жан Митрев Клиник планира организација на голем меѓународен турнир под името „Walking Football Tournament – Macedonia Open 2026“, со учество на екипи од повеќе европски земји.

Овој настан ќе ја позиционира Македонија не само како спортски центар, туку и како гостопримлива дестинација за спорт, дружење и позитивна енергија.Тимот на Клиника Жан Митрев останува посветен на мисијата да ја промовира културата на здрав и активен начин на живот, истовремено носејќи нов спорт на македонската сцена и претставувајќи ја државата во најдобро светло на европските и светски натпревари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести