Македонскиот бренд Акреа, сѐ повеќе ги освојува срцата на љубителите на дизајнирани производи, во чија што колекција има: торби, маици, подметувачи за чаши, постери, беџеви, рачно цртани чаши, картички.
Љубовта и почитта кон нашето културно наследство и традицијата, се инспирација и поттик за креирање за креаторот на брендот Анета Трпчевска.
„Сето значење на зборот Акреа е во симбиоза со Акреа концептот. Вештината и креативноста на вредната и силна македонска жена, вткаени во изработката на везовите со сета нивна убавина, уникатност и раскош се мојата најголема инспирација,“ ја раскажува Трпчевска нејзината креативна приказна за еМагазин.мк.
Наспроти трендовите, модерното, мас-производството таа вели дека уште кога почнала да ја развива идејата за Акреа, била сигурна во едно, дека никогаш нема да отстапи од идејата, замислата и автентичноста.
„Меѓу барањата на пазарот и автентичноста балансирам со тоа што дизајните – мотивите ги прилагодувам на современото време, со современите производи кои се користат во секојдневието. Доколку на својата приказна и пристапиш со многу љубов, искреност и посветеност тоа се препознава, чувствува и вреднува.
Секој уникатен, автентичен бренд носи своја приказна, вредност и порака кои би требало и да едуцираат. Акреа е еден од тие брендови, концепти кој на креативен, современ начин го промовира, претставува македонското културно наследство и традицијата, со самото тоа поттикнува запознавање со истите. Сепак колку тоа ќе допре до купувачите зависи од нивните желби, потреби и перцепцијата,“ објаснува Трпчевска.
Македонското културно богатство, историја, наследство се инспирација за креациите, иако станува збор за изобилие, не може да издвои само еден одреден период кој преовладува во нејзините креации.
„Македонската култура со секој период носи свои посебни карактеристики кои ја прават уникатна и инспиративна. Кај везовите би можела да направам исклучок и да издвојам омилен, везот од Скопска Црна Гора кој ми е особено фасцинантен и како мотив често го обработувам,“ додава таа.
Производите на Акреа се достапни за продажба преку Фејсбук и Инстаграм страните на Акреа. Дел од производите може да се најдат и во сувенирницата на Археолошкиот музеј во Скопје.
„Најчесто се купуваат како подароци за различни поводи. Ги купуваат нашинци кои патуваат во странство и кои сакаат да подарат нешто ново, современо и креативно од Македонија. И странци кои ги купуваат производите како современ сувенир,“ вели Трпчевска.
На прашањето дали ги носи производите кои ги креира, и дали има некој омилен, ја издвојува тоте торба.
„Искрено, помалку ми е необично да носам нешто свое, не можам да објаснам зошто е тоа така. До сега сум носела само моја маица на едно снимање. Но како жена, како омилен моден додаток ќе ја издвојам неизбежната и секогаш потребна тоте торба,“ објаснува Трпчевска.
Во однос на плановите за иднината на брендот, вели дека во последно време често размислува за претставување на Акреа дизајните во форма на изложба.
„Кој знае, можеби некогаш ќе ги насликам и на платно,“ завршува таа.






