Хрисула Кутуди е нов генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка Скопје

Од Стопанска банка АД Скопје информира дека по добивање на сите потребни одобренија од Народната банка, Хрисула Кутуди е назначена за генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка Скопје.

Од таму велат дека Кутуди е признат банкарски професионалец со над 30 години искуство, од кои најголемиот дел во рамки на НБГ Групацијата.

-Нејзината кариера е обележана со врвни резултати, признанија за иновативност во 2022 и 2024 година, како и исклучително лидерство во областа на дигиталната трансформација и развојот на нови банкарски услуги, велат од таму.

Во Стопанска банка Скопје таа доаѓа од позицијата помошник генерален директор за специјализирани решенија – банкарство на мало во НБГ Групацијата, каде што беше посветена на унапредување на производи, дигитални алатки и канали, како и на развој на стратешки партнерства и концепти за вградено банкарство (embedded banking).

-Има значајно искуство и во управување со тимови во областа на корпоративно банкарство, наплата, кредитна анализа и проектно финансирање.

Назначувањето на Кутуди доаѓа во период кога Стопанска банка АД Скопје, поддржана од Групацијата, забрзано инвестира во дигитална трансформација, развој на иновативни решенија и континуиран раст на своите човечки ресурси. Со нејзиниот ангажман и со искуството на новите членови на Управниот одбор, Банката значително го зајакнува својот тим и капацитети.

Во подготовката за преземање на новата функција, Кутуди веќе се запозна со македонскиот банкарски пазар, со Стопанска банка и тимот вработени, вклучувајќи се активно во тековните процеси на трансформација, велат од таму.

– Чест ми е да ја преземам оваа одговорна функција, свесна за значењето на Стопанска банка како институција со најдолга традиција на македонскиот банкарски пазар и како столб во НБГ Групацијата. Импресионирана сум од тимот на професионалци чии резултати и визија се одлична основа за понатамошен развој. Ќе продолжиме да вложуваме во знаење, иновации и во вредностите кои ја дефинираат Банката, со јасна цел: да одговориме на потребите на клиентите, бизнис секторот и заедницата, изјави Кутуди.

Со назначувањето на Кутуди, во сила стапува оставката на Диомидис Николетопулос, кој ја извршуваше функцијата генерален извршен директор од 2013 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бојан Стојаноски не е повеќе член на Управниот одбор на Стопанска банка Скопје

Димитра Доима именувана за член на НО на Стопанска банка Скопје

Како работела Стопанска банка Скопје во првото полугодие

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести