Инфлуенсерите, блогерите, креаторите на содржина и јутуберите треба да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.

Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, информираат од таму.

Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми: аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично), имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници, остваруваат економски интерес од медиумската услуга, во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини и целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.

-Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.

Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.

Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“, велат од таму.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести