Во Собранието изгласана недоверба за јавниот обвинител Љупчо Коцевски

Во македонското Собрание денеска му беше изгласана недоверба на јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски.

За интерпелацијата која ја поднесе Левица, „за“ гласаа 71 пратеник.

За негово разрешување освен пратениците на Левица гласаа и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ ја напушти собраниската сала.

Разрешување на Коцевски пред трагедијата во Кочани, побара и Владата.

Сега останува да се види дали Коцевски, кој не присуствуваше на седницата, ќе си поднесе оставка.

Коцевски претходно одговори писмено на интерпелацијата, и меѓудругото наведе дека наводите во неа се неиздржани и паушални, дека обвинителот не подложи на интепелација, која е политичка категорија и дека таа е недозволена согласно закон.

Според член 87 од Законот за јавно обвинителство, функцијата на јавниот обвинител може да престане по сопствено барање, поради губење државјанство, трајна неспособност за вршење на функцијата, пензионирање, избор на друга јавна функција или правосилна судска пресуда со најмалку шест месеци затвор.

Дополнително, членот 88 од истиот Закон предвидува можност Владата, со претходно мислење од Советот на јавни обвинители, да поднесе предлог за разрешување, а Советот може и самостојно да иницира постапка. Во истиот член се наведува дека мандатот на јавниот обвинител може предвремено да заврши и во случај на тешка дисциплинска повреда или членување во политичка партија.

Фото: Собрание

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести