Кристијан Крстевски кој по ситуацијата со велосипедистот на Водно, со брзина на светлината стана вирален и популарен, на поткаст кај Кристијан Ландов, само уште еднаш ни потврди дека во нашето општество нема услови за виреење на нормален човек.
Од дното на душата, цела емисија се извинуваше за неговата бурна реакција, во тој момент оправдана, кога на козја патека на Водно одозгора се спушта велосипедист, а тој со децата нема каде, и како и секој нормален реагира, го сопира и вели: „Каде идеш бе дечко“ на тон соодветен според ЈУС стандарди (прашајте ги родителите за нив).
Тој што не планинари и не се качувал по козји патеки, не може да ја сфати опасноста од тој вид на адреналински подвиг, спуштање со велосипед по патека за планинари. Многу ме интересира како ќе поминете ако ова го направите во Словенија, Италија или Швајцарија. И дали општеството ќе го осуди тој што прекршува, или тој што реагира.
Истото го имам доживеано, само со мотор за крос. По Цветкова патека кон Крст некаде во близина на првиот видиковец, со сестра ми качувајќи се, налетавме на паднат моторџија. Среќа, гранките го задржале да не лизне во провалија. Паднат сиот во шок, не знаеше каде е. И ние од шок прво од глетката, второ од тоа што можеше да се случи.
Го гледам и прво нешто што го прашав е: “Каде одиш бе дечко? Како се спушташ со мотор, ќе утепаш некого по пат?“. Во овој случај, сам се имаше утепано.
Му дадовме вода, се јавуваме по телефон, праќавме локација за да го земат… Си продолживме со стравот што можеше да се случи. И со него, и со нас.
И не сме само ние кои што сме се соочиле со оваа опасност, често се случува на тие што спортуваат на Водно. И во името на безбедноста на сите, за оваа појава Крстевски реагира затоа што се наоѓа во таква ситуација и јавноста му забележува за неговата бурна реакција.
Крстевски во поткастот се извинува, туку кој да му се извини нему? Кој да му се извини за стресот и за немањето систем да го заштити, односно да превенира вакви појави, кој да му се извини за сета онаа лакрдија од мемиња, кои тотално ја извртија поентата на примерот кој во состојба на шок го кажа со кумата, која настрадала во таков еден инцидент.
Кој да му се извини, што исмејувањето на негова сметка по интернет секако стигна и до неговиот шестгодишен син, за потоа и нему да му докажува дека неговата реакција била исправна, за да го заштити. Нормална реакција на родител, спортист, човек со став визави едно патолошко општество кое го изгубило компасот за она што е нормално. Кој е овде луд?
„Ќе дојде време и луѓето ќе полудат. Оној што останува разумен ќе го наречат луд, затоа што не е како нив.“ Преподобен Антониј Велики
Ако ситуацијата на Водно се преслика за кој било општествен проблем, повеќе од јасно е зошто сме стигнати на ова дереџе.
Затоа што овде, секој што реагира нормално, завршува на тапет во најдобар случај со некаква осуда, а во најлош во тотално извртување на поентата и смислата на реакцијата.
Убаво кажа Крстевски, промената треба да започне во секој од нас, и системот го правиме ние. “Кој ние бе дечко?„ Ние кои се исмејуваме на нормалноста и истите ние бараме нормален систем.
После сите малтретирања и објаснувања за нормална реакција, нормалниот на крај ќе крене раце и ќе каже остави ги „нека се утепаат“.
Како што одговори Крстевски на прашањето на Ландов во поткастот, дали повторно би застанал велосипедист на Водно, ако се спушта по планинарска патека.
„Не, нема да го застанам, нека се утепаат,“ одговори и крена раце Крстевски.
Уште еден чекор назад на повлекувањето на нормалноста пред глупоста, во општество во кое „на комарец му ја цеди крвта, додека камила протнува низ иглени уши.“
Фото: Принтскрин/поткаст/Ландов














