„Како до здрави навики“ – нов водич за поздрав живот промовиран од Здружението на лекари специјализанти

Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) го промовираше новиот водич за здрав живот под наслов „Како до здрави навики“, со кој нуди јасни и практични препораки за подобрување на животниот стил кај сите генерации, информираат од таму.

Водичот опфаќа теми како што се балансирана исхрана, безбедно и ефективно вежбање, управување со стрес, контрола на крвниот притисок и шеќерот, како и стратегии за постепено откажување од пушење или премин кон помалку штетни алтернативи. Советите се усогласени со актуелните насоки на водечките европски здравствени асоцијации, пренесен е на јасен и разбирлив јазик и поткрепен со научни докази.

Водичот е изработен од специјалистите и специјализантите од  Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), Никола Манев, Александра Георгиева, Симона Сапунџија, Наташа Петровска и фитнес тренерот Марио Јовановски.

„Со овој водич сакаме да допреме до што повеќе луѓе и да ја поттикнеме свеста дека здравите навики не се привилегија, туку избор што секој од нас може да го направи. Нашата цел е да понудиме алатки кои ќе помогнат на поединците да го преземат здравјето во свои раце – чекор по чекор, без притисок, но со поддршка и информации што се навистина важни“, изјави Георгиева.

„Како до здрави навики“ ќе може бесплатно да се преземе од веб-страницата на Здружението на лекари специјализанти, а летово претставници на ЗЛС ќе присуствуваат на музички фестивали и општински настани низ земјата, каде што посетителите ќе можат да го добијат водичот во печатена форма и да разменат идеи со лекарите и волонтерите.

Водичот е дел од проектот „Стоп за лоши навики“,поддржан од Филип Морис, кој иницира јавен дијалог за најчестите незаразни болести и нивната превенција и ја охрабрува примената на здравите животни навики на индивидуално и на колективно ниво.

Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) во рамките на проектот организираше фокус групи со дискусии за навиките на македонската популација, растечката пандемија на дебелина со посебен акцент на младата и тинејџерската популација, нискиот интерес за континуирана физичка активност, злоупотребата на алкохолот и пушењето.

Здружението на лекари специјализанти се основаше пред осум години, поради потребата за вистинско претставништво на младите лекари – особено на приватните специјализанти кои долго време беа во маргинализирана положба. Во овие години, ЗЛС се изгради како глас и заштитник на младите здравствени работници со проактивен пристап кон јавното здравје, посочуваат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести