Секоја година во Европа се фрлаат околу 5,8 милиони тони текстил, од кои најголемиот дел завршува на депонии или во инсинератори, оставајќи сериозни последици врз животната средина. Но, што ако старата облека може да добие нов живот? Што ако токму таа може да создаде работни места, да ги зајакне локалните економии и да придонесе кон поодржлива иднина?
Социјалните претпријатија во секторот за повторна употреба покажуваат дека тоа е возможно. Тие нудат обуки, фер плати и достоинствени услови за работа, а воедно придонесуваат за заштита на животната средина. Просечно, едно социјално претпријатие може да создаде од 20 до 35 работни места на секои 1.000 тони собран текстил.
Проектот VERDEinMED го прикажува токму овој пристап во своето ново видео, со фокус на Македонија и примената на локални решенија за управување со текстилниот отпад.
Од 1. јануари 2024 година, во земјата е во сила Законот за проширена одговорност на производителите, со кој се регулира постапувањето со текстилните производи по завршувањето на нивниот животен циклус. Во рамки на овој систем, три лиценцирани компании се задолжени за селекција, собирање и транспорт на текстилен отпад, овозможувајќи негова повторна употреба, рециклирање или трансформација во иновативни производи.
Тие инвестираат во инфраструктура преку поставување специјализирани контејнери, спроведуваат едукативни програми во училиштата и медиумски кампањи за подигнување на јавната свест дека текстилниот отпад е вреден ресурс, а не отпад.
„Транзицијата кон циркуларна текстилна економија не е само еколошка неопходност, туку и социјална можност. Текстилниот отпад повеќе не треба да се гледа како товар, туку како вреден ресурс за одржлив развој,“ истакна Наташа Сивевска, координаторка на проектот, текстилен инженер и аудитор за еколошка и социјална усогласеност од ТТАЗ– Текстилниот кластер.
Новото видео на проектот VERDEinMED, реализирано од ТТЗ – Текстилниот кластер во соработка со Моден Викенд Скопје, испраќа јасна порака: иновациите, соработката и едукацијата се клучни за создавање отпорен и одржлив текстилен сектор.
Како секој од нас може да придонесе за позитивни промени во 2026 година:
-Донирајте облека за повторна употреба
-Избирајте second-hand производи
-Поддржувајте политики за циркуларна текстилна економија
-Следете ја платформата за знаење: knowledge.verdeinmed.eu.
Фото: Unsplash
Промотивна објава














