Во периодот од 18 до 25. јануари, каратистите на „Макпетрол“ успешно ги завршија еднонеделните заеднички подготовки во рамки на проектот „Карате – пронајди го својот пат“, информираат од таму.
Оваа активност членовите на скопскиот клуб ја реализираа со претставници на „Хрватски Драговољац“ од Загреб и „Самобор“ од истоимениот град. На еднонеделните подготовки, тренерите и каратистите, разменија знаења и искуства, а се реализираа и голем број практични задачи со младите каратисти.
Овој проект беше одлична можност за репрезентативците на клубот дополнително да се подготват за учество на европското првенство во Лимасол, Кипар.
– Многу сум задоволен од заедничката соработка на нашите клубови. За време на еднонеделниот тренажен период, успеавме да размениме искуства и стекнати знаења за голем број техники од специфичниот дел на карате-спортот.
Нашите репрезентативци кои треба да настапат на Европското првенство за кадети, јуниори и постари јуниори (У21), во Лимасол, Кипар, во првата недела од месец февруари, имаа добра можност за да ја подигнат својата форма на повисоко ниво. Заедничката соработка на нашите карате клубови ќе продолжи и во иднина, изјави тренерот на „Макпетрол“, Петар Заборски.













