Денеска во судницата на Казнено-поправната установа Идризово започна судењето за пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63, а беа повредени 202 лица.
Во својот воведен збор обвинителот Борче Јанев меѓудругото рече дека „не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал вода и не ја истурил“, посочувајќи дека трагедијата не е само резултат на користењето на пиротехниката, туку на серија институционални пропусти и неодговорност.
-Катастрофата во Кочани не настана од дејствија или пропусти на една човечка рака. Не настана само како последица на активацијата на пиротехниката таа кобна ноќ, на 16. март 2025 година. Од навидум обичен сценски ефект, кога искрите од пиротехниката донесоа невиднина.
Снимките кои нѐ потресоа сите и го обиколија светот се само завршниот и фатален чин на ова интитуционално, невидливо, а реално, многу присутно зло, кое исплива на виделина таа вечер.
Во Кочани не изгоре само објетот, со него изгоре и илузиијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат, рече тој, подвлекувајќи дека за жал изгоре и иднината на невини млади луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер.
-Нивните животи згаснаа, а душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна и институционална неодговорност, рече Јанев, посочувајќи дека ако не се соочиме со целосната димензија на оваа ненадоместлива загуба и оваа невидена трагедија никогаш нема да имаме сила како општество да тргнеме на патот кон заздравување.
-Кој дозволил работа на објектот иако никогаш немал намена да врши угостителска дејност? Кој дозволи влез без да го обезбеди излезот? Кој знаеше и имаше должност да проценува ризици, а дозволи и пресмета профит? Кој одбра и потпиша молк наместо санкција и затворање? Кој не ја согледа смртоносната опасност и услови?, праша тој, нагласувајќи дека доказите ќе покажат оти т.н. дискотека бил смртоносна стапица уште од самиот почеток.
-Доказите кои ќе бидат изведени ќе покажат дека без никакви дилеми злоделото во овој настан не е и не може да биде само казнивото дејствие на активација на пиротехниката, злодело е и самото постоење на овој објект толку години.
Клубот „Пулс“ отсекогаш бил безбедносна смртоносна стапица, буре барут. Никулците на оваа невидена катастрофа биле одамна изникнати и сите пресудлови за тоа одамна поставени.
Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја погледне и види, меѓутоа требало, морале и биле должни да ја видат и спречат, рече тој, посочувајќи дека овој настан не е несреќа или случај на судбината, туку дека се работи на цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања и калкулиран ризик, кој некој го прифатил, но, го платија оние што немаа избор.
-Нашиот народ знае да каже подобро да се спречи, отколку да се лечи. Тоа е и функцијата на превентивното безбедносно дејствување, но во овој настан последиците се неизлечиви, затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи, рече тој, посочувајќи дека обвинетиот Дејан Јованов-Деко, (газдата на “Пулс“), без било какви институционални стеги и контроли за почитување на безбедносните правила и прописи, опасноста никогаш не го интересирала, и дека доказите многу јасно ќе го потврдат тоа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој се е обвинет за пожарот во Кочани
-Димензијата на преземени дејствија и обемот на пропусти кај овој човек се шокантни и запрепастувачки. Ќе можете да видите и чуете што се бил спремен овој човек само заради профит и материјална надомест. Бидете убедени дека ќе ве потсетат на негативни ликови, антипод на сите човекови вредности.
Но, овој човек, не успеа самиот да го преврти системот наопаку, туку ни покажа каков систем сме имале и како не функционирал и ги истакна пропустите на лицата кои биле одговорни за превенција и безбедносна заштита.
Суштината на самото постоење на инспекции е превентивно да делуваат. Да видат пред да заболи, да забранат пред да изгори, да затворат пред да погребуваме.
Но, овој човек успешно опстојувал со години и ги заобиколувал сите институционални препреки, бариери и безбедносни правила. Се што ќе посакал тоа го добивал. Сите документи кои морал да ги има не ги обезбедувал затоа што никој не му ги ни барал. Таму, каде што требало да добие заштита и да ги прикрие криминалните потфати, тоа го имал, рече обвинителот меѓудругото.
Следното рочиште е на 25. ноември.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Александар Нацев, новиот обвинет за пожарот во Кочани
Фото: Игор Бансколиев













