(Фото) Клиника Жан Митрев повторно ја претставува Македонија на меѓународната сцена во Walking Football

Екипата на Клиника Жан Митрев продолжува активно и достојно да ја промовира Македонија и здравиот начин на живот преку учество на меѓународни турнири во Шутбал – Walking Football, спорт кој бележи сè поголема експанзија ширум светот, информираат од таму.

По успешниот настап на меѓународниот турнир на островот Вис во Хрватска, каде тимот се натпреваруваше со екипи од Хрватска, Австрија и Унгарија, екипата на Клиника Жан Митрев ќе учествува на уште еден голем турнир. Овојпат, тимот ќе настапи на меѓународниот турнир во Walking Football што ќе се одржи во Будимпешта на 11, 12 и 13. јули 2025 година.

На турнирот во Будимпешта ќе учествуваат осум екипи од шест земји: Унгарија, Австрија, Англија, Израел, Италија и Македонија. Натпреварувањата ќе се одвиваат во две возрасни категории – екипи над 50 години и екипи над 60 години. Екипата на Клиника Жан Митрев ќе се натпреварува во категоријата над 50 години, каде ќе игра во група со екипите од Унгарија, Англија и Италија. Предвидени се три натпревари со секој противник во групата, како и дополнителни елиминациски дуели.

Walking Football е повеќе од спорт – тој претставува нова можност за луѓето од сите возрасти да останат физички активни, да се дружат и да се грижат за своето здравје. Според правилата на овој спорт, трчањето е забрането, се игра со одење, а акцентот е ставен на рекреација, тимска игра и социјализација. Ова го прави идеален избор за повозрасни лица, пациенти во рехабилитација, хронично болни, дијабетичари, хендикепирани лица, како и за сите кои сакаат да водат активен и здрав животен стил.

Клиника Жан Митрев како основоположник на Walking Football во Македонија ја продолжува својата мисија за ширење на овој спорт и најавува организација на голем меѓународен турнир во нашата земја во блиска иднина. Со ова, Клиниката има јасна визија да создаде движење кое ќе го негува спортот, здравјето и активниот животен стил, без разлика на возраста, со цел Walking Football да стане достапен за пошироката јавност и да се поттикне изградба на заедница која живее здраво и активно, посочуваат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести