Едногласно донесен е буџетот на Град Скопје за следната година.
Истиот изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04% во однос на 2025 година.
Капиталните инвестиции изнесуваат 1.787.000.000 денари, или 34,4% од вкупниот буџет. За споредба, во 2025 година капиталните инвестиции изнесувале 1.344.160.000 денари, односно 28,9%.
Буџетот за образование е зголемен за 7,5% во однос на 2025 година, а дополнително се пренесуваат 68 милиони денари вишок од блок-дотациите за изградба на ново училиште, кое ќе биде предвидено со првиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, информираше на Фејсбук градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Во 2026 година се обезбедуваат средства и за вработување на 30 нови пожарникари, за првпат по повеќегодишна пауза се набавува целосна лична заштитна опрема и униформи, како и три возила за интервенции во тешко проодни средини.
Буџетот за противпожарна заштита и спасување изнесува 450,2 милиони денари, што е зголемување од 25,72% во однос на претходната година.
За култура се предвидени 159.831.000 денари, што е повеќе од двојно зголемување во однос на 2025 година.
Со овие средства се продолжува проектот Европска престолнина на културата – Скопје 2028, како и бројни капитални проекти и реконструкции во културните установи.
Буџетот за спорт е зголемен на 26 милиони денари, што е 2,5 пати повеќе споредбено со 2025 година.
Во делот на животната средина предвидени се 56,5 милиони денари, што е речиси двојно повеќе од претходната година.
Како што информираше Ѓорѓиевски, откочен е и проектот со Светска банка за поставување фотоволтаици во училиштата во вредност од 46 милиони денари, кој беше заглавен повеќе од три години.
Меѓу капиталните проекти се издвојува изградбата на Луна Парк, кој треба биде завршен во текот на 2027 година, како и инвестиции од 90 милиони денари за детски катчиња, игралишта, фитнес справи, урбана опрема, паркови и пешачки патеки.
Преку развојните програми се планира и реконструкција и опремување на културните установи и Зоолошката градина, проширување на капацитетите на ЈП Лајка, заштита и уредување на културното наследство како Скопско Кале, Аквадуктот, Старата чаршија и Скупи, како и изградба на бунари за техничка вода за наводнување.
Планирани се и инвестиции во јавното зеленило со 210 милиони денари, набавка на нови канти и контејнери со 40 милиони денари, како и нови возила за комунална хигиена во износ од 24,2 милиони денари.
Предвидени се средства за изградба и реконструкција на булеварите ,,Македонија”, ,,Љубљанска”, ,,Борис Трајковски”, ,,АСНОМ” и ,,Цветан Димов”, за кружниот тек во Ѓорче Петров, за довршување на Момин Поток по решената експропријација, како и за реконструкција на улиците ,,Фрањо Клуз”, ,,Перо Наков”, ,,Димо Хаџи Димов”, 101 во Волково, ,,Бутелска” и ,,Радишанска”, изградба на улицата ,,Македонско-косовска бригада”, мостот и булеварот ,,Февруарски Поход” и уредување на пристапите и паркинзите кај Матка.
Обезбедени се и 130 милиони денари за експропријација со цел забрзување на реализацијата на булеварските решенија, како и дополнителни средства за тековно одржување, сообраќајна сигнализација, безбедност во сообраќајот и подготовка на нови сообраќајни проекти во соработка со УНДП.
Предвидена е и директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи. За таа намена се издвојуваат средства за ,,Комунална хигиена”, ,,Паркови и зеленило”, ,,Дрисла”, ,,Лајка” , ,,Улици и патишта”, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје.














