Како јапонскиот оперски пејач Котецу се заљуби во македонската песна

Викендов во Македонската филхармонија во Скопје во организација на јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу, македонската публика имаше можност да ужива во прекрасниот концерт „Јапонско срце бие во македонски ритам“.

Котецу е добро познат во Македонија поради неговата одлична интерпретација на македонски традционални песни, а овојпат во Скопје ја донесе и јапонската сопранистка Чихиро Суганума и јапонскиот женски хор Tomoni Utao, кои заедно со македонската сопранистка Елена Васова и македонскиот мешан хор Про Арс, меѓудругото на концертот ја изведоа „Македонско девојче“ на легендарниот македонски пејач Јонче Христовски, кој е еден од омилените македонски изведувачи на Котецу, со кој еМагазин разговараше пред концертот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео+фото) Македонските и јапонските срца биеа како едно во Филхармонија

Како Котецу започнаа да пее македонски песни

Со македонската песна, како што раскажува за еМагазин, Котецу го запознава македонскиот оперски пејач Благој Нацоски, кој работи во Италија, со кого се запознал професионално, па во 2013 година ќе ја отпее својата прва македонска песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ во Скопје и Битола.

Нацоски исто така понатаму ќе има големо влијание при изборот на македонски традиционални песни кои Котецу ќе се одлучи да ги препее.

Јонче Христовски омилен изведувач

За Христовски ќе научи повеќе откако ќе ја слушне “Македонско девојче“.

-Песната, ритамот, на некој чуден начин ме потсети на моето детство. Потсетува на јапонски песни од тој период од мојот живот, вели тој, па неговата верзија ќе ја направи во декември 2020 година.

Ќе се заљуби и во неговата песна “Ако умрам ил загинам“, а внимание ќе му привлече и неговата харизма, па при изведување на песни од Христовски, комплетно ги изведува и препознатливите движења на македонскиот пејач.

За да научи македонска песна му треба од една до две недели

Котецу не знае да зборува на македонски јазик, но не му е проблем македонска песна да научи за една до две недели.

Освен на македонски јазик пее и на италијански, француски…

-Потешко ми е да читам и разбирам кирилица, бидејќи од порано не ми била позната. За да ги разберам зборовите користам превод на англиски јазик. Во денешно време е многу полесно со целата технологија за превод, а сега имам и многу македонски пријатели кои ми помагаат да го разберам и научам јазикот, вели тој.

Интересно е што, како што раскажува, сега млади јапонски пејачи бараат да ги научи и нив да пеат македонски песни.

-Неможам да се пронајдам во улогата на учител, но давам се од себе, вели тој.

Љубител на македонската храна и вино

Освен на македонската песна е голем љубител и на македонската храна, а посебно на пилешката супа. Му се допаѓа и пивото, а и виното, па на повик на „Вина од Македонија“ беше и Амбасадор на Вранец, а во Токио, Јапонија, го основаше и Токио Вранец камерен оркестар.

Има голема желба во следниот период да остане повеќе време во Македонија, за да ја прошета и запознаее подобро. Досега освен во Скопје и Битола, бил и во Охрид, Куманово, Демир Капија…

-Ја сакам вашата убава природа, а луѓето се толку гостопримливи, вели тој.

Сите народи треба да се почитуваат

Сега како што вели знае повеќе и за македонската историја, но и за проблемите кои Македонија и денеска во 21. век ги има во врска со нејзиниот идентитет.

-Тоа неможам да го разберам. Секој народ треба да се почитува, вели тој.

Фото: емагазин.мк/Фејсбук/Котецу

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести