Крипто пазарите го завршија декември под продолжен притисок, со вкупна пазарна капитализација која се намали за 3,8%, продолжувајќи го негативниот тренд од претходниот месец. Ова се случи и покрај олеснувачките чекори на Федералните резерви, кои ги намалија каматните стапки и формално го завршија периодот на квантитативно затегнување. Сепак, дополнителната ликвидност не се прелеа кон крипто средствата, бидејќи инвеститорите останаа претпазливи поради инфлациските ризици и растечката невработеност.
Во ваква средина, Биткоин и Етериум ја зголемија својата доминација (на 59,1% и 12%), што укажува дека инвеститорите се повлекуваат од поризичните алткоини и се насочуваат кон поголемите и постабилни дигитални средства. И покрај општото негативно расположение на инвеститорите, компании што држат крипто во своите биланси, како Strategy и Bitmine, продолжија со акумулација што сигнализира на долгорочна доверба во класата на средства.
Зошто металите доминираа во 2025 година
Една од клучните теми во извештајот е зошто металите значително го надминаа Биткоин во 2025 година. Златото, среброто и индустриските метали достигнаа историски рекорди, поттикнати од комбинација на монетарно олеснување, силна физичка побарувачка и зголемена геополитичка фрагментација. Централните банки агресивно акумулираа злато, додека државите сè почесто ги третираат клучните метали како стратешки ресурси, контролирајќи го ланецот на снабдување.
Иако Биткоин споделува карактеристики со златото, воглавно вклучувајќи ги ограничена понуда и отпорност на обезвреднување на националните валутите. Сепак, за разлика од металите, Bitcoin го немаше она што извештајот го опишува како „стратешка премија“ , односно сè уште не е широко прифатен од владите како резервно средство или како актива поддржана со јавни политики. Овој јаз помага да се објасни зошто Биткоин заостануваше зад металите во периоди на зголемени геополитички и макроекономски тензии.
Сепак, оваа разлика може да биде привремена. САД напредуваат со законски иницијативи за воспоставување Стратешка Биткоин резерва, што би можело постепено да го приближи Биткоин до статусот што денес го имаат благородните метали.
ETF текови и прераспределба на капиталот
Од октомври наваму, BTC и ETH spot ETF-ите бележат континуирани одливи, додека новите алткоин ETF-и привлекуваат стабилни приливи, надминувајќи 2 милијарди долари кумулативно. Најголем интерес има за производи поврзани со XRP и SOL, што укажува дека нов капитал влегува во крипто преку различни канали, а не само преку Биткоин.
Стабилните коини како нов макро индикатор
Во 2025 година, шест нови стабилни коини ја надминаа границата од 1 милијарда долари, но со различни модели на раст. Потрошувачките стабилни коини покажаа нестабилни криви, додека институционалните производи бележеа порамномерен и поконтролиран раст. Поради тоа, движењата во понудата на стабилни коини стануваат сè поважен индикатор за општата финансиска активност и ликвидноста на пазарите.
Поглед напред
Иако крајот на 2025 година беше обележан со слаба ликвидност и претпазливост, јануари 2026 може да претставува пресвртна точка. Со потенцијална ротација од преценети традиционални актива кон крипто, појасна фискална динамика и можни структурни промени во регулативата, крипто пазарот повторно може да влезе во фаза на обновен интерес и пошироко усвојување.
Фото/Unsplash













