„Култура Бета“ по вторпат ја отпочнува донаторската акција за стари книги, плочи и цедеа

Во рамки на второто издание на фестивалот за алтернативна, младинската и критичка култура „Ре-култура“ што го организира здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ во соработка со кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“, по вторпат се отвора донаторската акција за стари книги, плочи и цедеа.

„Ги повикуваме сите пријатели, поддржувачи, издавачи, музичари, фанатични колекционери и сите кои сакаат да им олеснат на своите библиотеки, да предложат добра музика на некои нови луѓе и да бидат дел од градењето на независна младинска култура, да ги донираат своите стари книги, плочи и цедеа (што се во добра состојба) во кафе-книжарницата „Илика“, велат од „Култура Бета“.

Собраните книги ќе бидат изложени на донаторски базар во рамки на фестивалот „Ре-култура“ што ќе се одржи на 26. и 27. септември, а собраните средства ќе бидат вложени во поддршка на локалната младинска културна сцена, организирање настани и објавување независни изданија.

Акцијата трае од 18. август до 18. септември, а старите книги, плочи и цедеа можат да се донесат во кафе-книжарницата „Илика“ од понеделник до сабота, од 8 до 13 часот и од 17 до 22 часот.

„Со оваа акција сакаме да придонесеме кон освестување на заедницата за директно учество во независната култура и културните настани, меѓусебна помош и поддршка и за поголемо вмрежување на уметниците. Како и да ја подигнеме свеста за реупотреба на старите предмети, а на овој начин можат да добијат втора шанса кај некој нов вљубеник во уметноста.“ додаваат од „Култура Бета“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести