Ана Михајлов е истакнат професионалец со над 15 години искуство во рамки на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Во јули годинава е именувана за вршител на должност директор во оваа институција, а пред да биде назначена на функцијата била успешен раководител на Одделението за мобилности во стручното и училишното образование, како и раководител на Одделението за човечки ресурси.
Со нејзината стручност, интегритет и ангажираност таа е активен учесник во процесите на европска интеграција во полето на образованието, застапувајќи ги интересите на македонските образовни институции во различни европски тела и мрежи. Нејзиното раководство резултираше со зголемена искористеност на средствата од европските фондови, како и со проширување на можностите за меѓународна мобилност на ученици, наставници и институции.
Михајлов е магистер по дипломатија и меѓународни односи и поседува сертификација за дипломатски протокол. Како некогашен студент-првенец на генерација, таа е позната по своите лидерски способности, интегритет и стратешко размислување, како и по постојаниот ангажман за унапредување на квалитетот, пристапноста и европската димензија на образовните програми во земјата.
Во разговорот за еМагазин.мк, Михајлов зборува и за приватниот живот за балансот меѓу професионалната одговорност, личните улоги и новите предизвици.
На прашањето за фокусот во нејзиното раководење со Агенцијата, Михајлов вели дека се фокусира на четири клучни приоритети.
„Унапредување на пристапот до европските можности, посебно за образовниот кадар, младите и заедниците кои традиционално имаат помалку шанси, квалитет и транспарентност во работењето, преку дигитализација, отчетност и јавни комуникации; и градење силни партнерства, кои ги поврзуваат институциите, организациите и граѓаните околу заедничка визија, модерно, европско образование. Верувам дека само со инклузивност, отвореност и соработка можеме да го забрзаме развојот,“ вели Михајлов.
За европските програми, како што се Еразмус+, кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на образованието, Михајлов истакнува дека најважниот придонес е во градењето и негувањето на европските вредности, солидарност, еднаквост, почит кон различноста и демократска култура.
„Преку програмите како Еразмус+ и другите европски иницијативи, образовните институции, младите и професионалците добиваат пристап до иновативни методи на учење, меѓународно искуство и европски образовни стандарди. Овие можности директно го унапредуваат квалитетот на наставата, ја поттикнуваат дигиталната трансформација и придонесуваат за развој на критичко размислување, креативност и меѓукултурна комуникација,“ додава таа.

Жените на лидерски позиции често се соочуваат со предрасуди и дополнителни очекувања, и оттука важно е да се одржува балансот меѓу професионалната одговорност, личните улоги и потребата да останете верни на себеси.
„Балансот е динамичен и честопати предизвикувачки, особено за мене како мајка на две малолетни деца кои природно го бараат моето внимание. Сепак, успевам да го одржам преку јасно поставени приоритети, добра организација и искреност кон себе и моите можности. Како посветена и одговорна личност, се справувам со предизвиците и во професионалната улога, како директор на Агенцијата каде што работам веќе 15 години, но и во приватната улога на сопруга и мајка на Христијан и Калина, кои сè уште се мали и бараат многу внимание.
Она што навистина ми помага е силната поддршка од моето семејство и најблиските. Токму таа поддршка, заедно со мојата верба во тоа што го работам, ми овозможува да останам верна на себе и да ги балансирам сите аспекти од мојот живот,“ потенцира Михајлов.
Стабилноста и смиреноста во секојдневната динамика на лидерска позиција, во институција која носи голема одговорност, ја одржува со јасна мисија, вредности и доверба во тимот.
„Кога знаеш зошто работиш и со кого работиш, одлуките стануваат полесни, а притисоците подносливи. Дополнително, настојувам да негувам емоционална интелигенција, свесност и самодисциплина, особено затоа што лидерството не е само функција, туку пример и одговорност,“ додава Михајлов.
На прашањето за нејзиниот приватен живот вели дека е голем ентузијаст и човек кој секогаш сака да помогне и да подаде рака.
„Најмногу ме исполнуваат моментите со семејството и пријателите. Многу сум љубопитна, сакам да учам, да се поврзувам со луѓе, но и да ги уживам тивките мигови на мир. Инспирација наоѓам во малите гестови, искрените разговори и во чувството дека секој ден создавам можности другите да растат и напредуваат.
Уметноста е мојот начин на обновување и внатрешен мир. Посебно ме радуваат успесите на македонската кинематографија, како последното остварување на режисерот Ѓорѓи Унковски, филмот „Диџеј Ахмед“, кој освои бројни европски и светски награди. Со исто нетрпение го очекувам и новиот филм на Тамара Котевска „Силијан“, кој ќе се прикажува на National Geographic.
Музиката, филмот, изложбите и театарот ми помагаат да излезам од секојдневната рутина и да се поврзам со емоции и идеи што ме смируваат. Тоа не е луксуз, туку вистинска потреба, начин да се нахрани душата,“ додава таа.
Престојот во природа, движењето и физичката активност исто така се начин на полнење на батериите.
„Покрај тоа, време посветено на семејните патувања ми носи инспирација, ми овозможува да откријам нови култури, да се збогатам со различни искуства и да осознаам нови вредности. Токму овие моменти ми помагаат да се опуштам, да се наполнам со енергија и да се вратам со свеж поглед и мотивација на секојдневните обврски,“ завршува Михајлов.
















