Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на АД за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост за 2024 година, при што изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, информираа од таму.
-Со ревизијата е утврдено дека најголем дел од инвестициите во тек се однесуваат на изградбата на трите магистрални гасоводи (ЛОТ 1 – 61 km, ЛОТ 1 – 36 km, ЛОТ 2 и ЛОТ 5 ).
Овие инвестиции изнесуваат 8.837.849 илјади денари (без ДДВ), односно над 143.000.000 евра и иако се целосно изградени во периодот од 2016 до 2024 година.
Причините за ваквата состојба се нерешени имотно-правни односи при експропријација на земјиштето и пролонгирања кои потекнуваат од роковите за одобрување на измени во тек на градба во минатиот период, кое во исто време влијае истите сѐ уште да не се ставени во употреба.
Со измените на Законот за градење, од април 2025 година, поедноставена е постапката за добивање одобренија за употреба на линиски инфраструктурни објекти, дури и ако претходно не е извршено прибележување на земјиштето и регистрирање во катастарот на инфраструктурни објекти, со што од страна на НОМАГАС АД Скопје во јуни 2025 година склучена е рамковна спогодба за јавна набавка на геодетски услуги и обезбедување на законски одобренија за употреба.
НОМАГАС АД Скопје располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир–Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но за 78 придружни објекти како блок станици, мерно-регулациони станици и чистачки станици сè уште не е утврден правниот статус.
За нив се водат постапки за легализација пред Министерството за транспорт и надлежните општини.
Иако дел од објектите се изградени уште во периодот од 1995 до 2000 година со уредна документација, тие никогаш не биле запишани во Агенцијата за катастар на недвижности.
Постапките за легализација траат со години, а дел од предметите биле префрлани меѓу општините и Министерството, што дополнително го продолжило процесот на запишување.
До завршување на ревизијата, НОМАГАС АД Скопје сè уште нема добиено решенија за ниту една од започнатите 78 постапки за легализација, стои во извештајот.
Со ревизијата е истакнато дека се уште не е воспоставен оператор на систем за дистрибуција на природен гас и покрај тоа што биле отпочнати активности во минатиот период.
-Имено кон крајот на 2019 година од страна на Владата донесена е Одлука за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на Јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија.
Оваа постапка со Одлука на Влада во август 2024 година е поништена, поради што и натаму останува неизвесно определувањето на Оператор за дистрибуција на природен гас.
Дополнителна состојба која неповолно може да влијае врз квалитетот и динамиката на одржувањето, проширувањето и поврзувањето на системот со гасоводните мрежи во соседните држави е што, до крајот на 2024 година НОМАГАС АД Скопје нема усвоено десетгодишен план за развој на преносната мрежа за периодот 2024–2035 година.
Со ревизијата е утврдено дека во трговските книги на НОМАГАС АД Скопје, вредноста на капиталот изнесува 58,3 милиони евра и истиот е за 28,1 милиони евра помал во однос на извршената проценка.
Со тоа и во Централниот депозитар на хартии од вредност и Централниот регистар на Република Северна Македонија впишана е помала вредност на основната главнина.
Оваа разлика потекнува од крајот на 2022 година, со самото основање на НОМАГАС АД Скопје, преку спојувањето на двете друштва АД НЕР и АД ГА-МА Скопје.
Во процесот на основање на НОМАГАС АД Скопје, меѓу другото донесен е Законот за решавање на долгогодишниот спор помеѓу Владата и АД за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, врз основа на кој е извршен откуп на една од двете акции во АД ГА-МА Скопје, со што ова друштво преминало во целосна државна сопственост.
Трансакцијата е спроведена врз основа на претходно извршена Проценка од Бирото за судски вештачења со која вкупната вредност на капиталот на АД ГА-МА Скопје бил проценет од 37,4 милиони евра на 65,5 милиони евра.
Со образложение дека проценката не била доставена до надлежните лица, истата сметководствено не е евидентирана во трговските книги на АД ГА-МА Скопје.
Залихите на материјали, ситен инвентар и резервни делови на крајот на 2024 година се проценети во износ од 264.254 илјади денари.
Над 80% од залихите потекнуваат пред 2019 година и до периодот на вршење на ревизијата истите не се потрошени, со што се доведува во прашање потребата од нивната набавка, како и можноста истите да бидат застарени и неупотребливи.
Дел од овие залихи, во вредност од 98.315 илјади денари, биле набавени за реализација на проект за изградба на мрежа за пренос на природен гас, што претставува последен преостанат дел за затворање на магистралниот гасовод во Градот Скопје, кој не се реализирал.
За оваа состојба ревизорите информираа и во Конечниот извештај извршената ревизија на усогласеност на тема „Развој на системот за гасификација во Република Северна Македонија‘‘ спроведена согласно Годишната програма на Државниот завод за ревизија за 2023 година, кога беше истакнато дека поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, крајниот прстен не е завршен, а изградена е нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни градежни активности и расходи.
Во 2025 година по овој основ започнати се активности. НОМАГАС врши услуга за балансирање т.е. купува или продава гас на берзата за гас во зависност од потребите на корисниците (балансно одговорни страни – БОС) од тоа дали БОС страната направила позитивен или негативен дебаланс.
Со ревизијата е утврдена несоодветна примена на формулата за пресметка на надоместокот за неутралност како и начинот на распределба на надоместокот за неутралност на БОС согласно нивните активности.
Имено, формулата предвидена со Методологијата не се применува правилно, поради дилемите кој постојат во однос на вклучување на прогнозирани количини на увоз и извоз на природен гас.
НОМАГАС АД Скопје има исплатено надоместок за неутралност во износ од 44.612 илјади денари, за период на порамнување 2023 година на шест БОС, иако согласно податоците добиени од друштвото во 2023 година постојат четири балансни групи претставувани од БОС.
Согласно наведената методологија БОС, која дејствува во име на балансна група е должна да ја изврши распределбата на трошоците за неутралност помеѓу членовите на својата група, во согласност со склучен договор, велат од Ревизија.
Со ревизијата е утврдено дека при исплатата на надоместок за неутралност неосновано се вклучени две правни лица.
-Едното правно лице во текот на 2023 година било член на балансна група претставувана од БОС, додека другото воопшто не било БОС, ниту член на балансна група. Овие две правни лица се стекнуваат со статус БОС во март, односно септември 2024 година.
Во ревизорскиот извештај обелоденет е орочениот депозити во деловна банка во износ од 20.000 илјади денари, кој се преорочува автоматски на секои три месеци со фиксна каматна стапка од 0,30% годишно и по кој основ во 2024 година остварен е минимален приход од 65 илјади денари годишно.
Ревизорите утврдија дека Одборот на директори не донел одлука за овие депозити, што не е во согласност со Статутот на друштвото, кој предвидува дека Одборот е тој кој носи одлуки за средства над 50 илјади евра.
Ако се има во предвид дека во тој периодот кога средствата се орочени, друштвото имало неплатени заеми, се доведува во прашање исправноста на одлуката за орочување и ефектот од приходите од камата.
Во исто време ваквиот пристап создава можност за негативни одливи од Буџетот на државата и друштвото по други основи. НОМАГАС АД Скопје има побарувања по даден краткорочен заем од 75.000 илјади денари даден на АД Пошта на Северна Македонија, кој согласно склучениот договор треба да биде вратен до 30. декември 2025 година, со плаќање на законска камата во случај на задоцнување.
Со ревизијата утврдено е дека заклучно со мај 2025 година, вратени се 2.000 илјади денари, што е околу 2,5% од вкупниот позајмен износ, поради што укажуваат дека ваквите активности, кои не се дел од основната дејност на друштвото, можат неповолно да влијаат врз ликвидноста и профитабилноста на друштвото и редовна отплата на заемите, велат од таму.
Во извештајот нотирано е дека во 2025 година започнале активности за изградба на интерконективен гасовод со Грција , финансиран со заем и грантови од Европската инвестициска банка.
-Договорот за заем изнесува 29,9 милиони евра, а инвестицискиот грант 12,4 милиони евра (9,9 милиони евра се инвестициски грант за финансирање на трошоци за работи и/или набавки, 2,5 милиони евра се грант за техничка помош за финансирање на трошоци за услуги и 50 илјади евра се грант за финансирање на комуникација и видливост).
Во август 2025 година, друштвото има добиено 6 милиони евра од инвестицискиот грант за финансирање на трошоци за работа, кои веднаш се префрлени на изведувачот со кој во мај 2025 година е склучен договор за изградба.
Дополнително, доделени се: грант за техничка помош од 500 илјади евра, од кој искористени се 7.022 илјади денари (околу 114 илјади евра ) за извршени услуги и грант за комуникација и видливост од кој се искористени 2.467 илјади денари (околу 40 илјади евра ), врз основа на склучен договор за деловна и техничка соработка.
Истакнати се состојбите кои произлегуваат од донесениот Закон за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во друштвото со што се укинува обврската за враќање на средства по основ на заем за изградба на магистралните гасоводи ЛОТ 2 и ЛОТ 5. Во овој дел ги истакнуваме и пресметаните трошоците за провизија за неповлечени средства од кредитот во висина од 2,47% на годишно нивно во вкупен износ од 412.407 илјади денари односно 6,7 милиони евра кои не требало да се капитализираат.
Со извршената ревизија констатирани се и други состојби за начинот на евидентирање на нематеријални средства и резервирања, извршениот попис, примената на законот за јавните набавки, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува начинот на пресметка на платите, распоредената добивка за 2023 година, без претходно одобрени финансиски извештаи и годишна сметка, објекти за деловен и магацински простор кои се изградени а не се користат поради што на друго место се плаќа непотребно закупнина, направени се трошоци за санација на оштетени гасоводни цевки предизвикани од служби ангажирани од Општина Гази Баба и други состојби, велат од таму.
Фото: Влада














