Магнометал ДООЕЛ Скопје, трговска компанија во доменот на градежна опрема и опрема за патна инфраструктура, ќе биде првата компанија во Македонија која ќе воведе 4-дневна работна недела, информираа од таму.
Со пилот-проектот за сите вработени, компанијата ќе започне на 1. јануари 2026 година, а од таму потенцираат дека одлуката нема да влијае на платите на работниците.
Радослав Галиќ, сопственикот и управител на компанијата, очекува одлуката да ја оптимизира оперативната продуктивност, а посочува и дека истата ја одразува и посветеноста на компанијата кон иновации и за третирање на вработените.
Пилот-проектот, како што посочуваат од таму, освен зголемена продуктивност, елиминирање на неефикасноста, оптимизација на процесите, се очекува да донесе и подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот,
овозможувајќи им на вработените да имаат повеќе време за одмор и личен развој, подобрена благосостојба во компанијата, како и привлекување и задржување на врвни таленти.
Резултатите на пилот-проектот ќе бидат мерени во текот на шест месеци според вкупната продуктивност, задоволството на клиентите и ангажираноста на вработените.
За да се обезбеди континуирана услуга за клиентите, компанијата ќе воведе дежурства, за да се осигура дека клиентите нема да забележат прекин во квалитетот на услугата.
Компанијата е присутна на македонскиот пазар 35 години.














