Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција со неговиот унгарски колега Петер Сијарто, прашан за неодамнешниот телефонски разговор со неговиот бугарски колега Георг Георгиев, одговори дека му кажал оти Македонија нема да прави отстапки кон Бугарија, иако земјава има добра волја за разговори и решение за проблемите со своите соседи.
– Не можам тоа да го одговорам во име на Софија. Но, од наша страна ние сакаме средба. Нормално е сите соседи да комуницираат меѓу себе. Ние секогаш ќе работиме на добробит и соработка во односите со соседите, но нема да отстапиме од нашите фундаментални принципи.
Токму тоа му го пренесов и на колегата Георгиев.
Претходната средба во Минхен во февруари беше на македонска иницијатива. Добрата волја не значи било каква отстапка од нашата државна позиција. Сметаме дека нашиот пат кон ЕУ треба да стане предвидлив.
Терминот жртва не ми се допаѓа, но факт е дека повеќе од 20 години сме жртва на билатерализација на нашиот европски пат.
Оваа влада успеа да обезбеди средства од Планот за раст од европската агенда….така што суштинската европеизација е тука, за тоа немаме дилема.
Ние имаме политички проблем со еден од нашите соседи, тоа е реалност за која се свесни во ЕУ. Треба решение, но не треба да дозволиме на патот да бидеме згазени и да отстапиме од нашиот идентитет. Што е една нација без идентитетот?, рече Муцунски.
Фото: МНР