Македонски Телеком продолжува да го поддржува македонскиот спорт и застанува покрај Ракометната федерација на Македонија и во наредната година, информираат од таму.
Телеком е спонзор на националниот тим уште од 2018 година и е дел од ракометната приказна на Македонија со децении наназад.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ ги посети репрезентативците коишто се подготвуваат за претстојното Европско првенство коешто ќе се случува во јануари 2026 година во Данска, Норвешка и Шведска.

„Вистинска чест е што можам да ве поздравам и да ви посакам истрајност во предизвикот што ве очекува. Од сопствено спортско искуство, знам дека вредностите научени на теренот важат секаде. Тимската работа, тимскиот дух и сплотеноста кон заедничката цел се посилни од секој противник. Нашата поддршка на спортот е долгорочна и искрена затоа што веруваме дека преку партнерство силните тимови се двигатели на победата како во спортот, така и во општеството. Ви посакувам успех и знам дека целата нација е со вас,“ изјави Марковиќ.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов истакна дека продолжувањето на соработката со Македонски Телеком претставува уште една потврда за заедничката визија и долгорочната поддршка на македонскиот ракомет.
„Македонски Телеком е пример за успешна и општествено одговорна компанија, којашто континуирано вложува во спортот и во заедницата, а за нас е чест и привилегија да бидеме дел од вакво партнерство и заедно да продолжиме да го поддржуваме развојот на македонскиот ракомет.“ Преку ова партнерство, Телеком ја потврдува својата долгорочна посветеност на развојот на спортот, што носи вистински вредности и ја обединува нацијата. Следната година заедно со Ракометната федерација на Македонија, Телеком ќе работи и на развојот на ракометот како омилена дисциплина на младите со организација на младински турнири низ земјата,“ додаде Стефанов.














