„Македонија, таа страдална земја, гробница на многу маченици и јунаци, може да стане гробница и на слободата на Балканскиот Полуостров, ако продолжи да биде јаболко на раздорот. Ако Македоннија меѓу нас раѓа национална омраза, антагонизам, ако на неа ние гледаме, не како на земја измачена, онеправдена, натопена со крв и плач која од нас бара помош, и тоа високо доблесна помош, а не како на плен, подготвени во првиот поволен момент да го поделиме…
Поделбата на Македонија, поради нејзините специфични етнографски и стратешки услови никогаш нема да ги задоволи трите држави, Бугарија, Србија и Грција. Со тоа националните непријателства ќе се заострат уште повеќ, Ќе се засилат борбите и на Балканскиот Полуостров одново нема да има мир…
Разрешувањето на македонскиот проблем, лежи само во закрепнувањето на Македонија во една самостојна државна единица, заедно со другите балкански држави. Само самостојна и слободна Македонија е влогот за опстојба на Балканскиот Полуостров… Пред да се разреши македонското прашање, балканските народи, а најмногу ние Бугарите, не можеме да се надеваме на слободен и правилен развиток.“

Ова се само дел од пораките и ставовите на познатиот бугарски општественик, научник и државник, акадеик Александар Цанков, од книгата „Македонското прашање и Балканскиот сојуз“ објавена во 1906 година во Софија, три години по „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков. Книгоиздавателството „Матица македонска“ повторно го објави ова капитално дело од Цанков, што всушност е студија-драгоцен документ за македонската реалност и за македонската историографија.
На страниците од оваа ретка книга, авторот студиозно пишува за историските премрежиња на Македонците низ вековите, како и за завојувачките сили на Балканските народи, а пред пошироката јавност не беше достапно до 2008 година.
По откривањето во бугарските архиви, со заложби и на „Матица македонска“, оваа книга на Александар Цанков за првпат беше објавена на македонски јазик, а дотогаш, повеќе од еден век била криена, како што според увидот и сознанијата на дел од истражувачите денес – оригиналот е „исчезнат“ од архивите во Софија откако во превод, веќе е достапен и на македонски јазик.
Со повторното објавување на ова клучно и исклучително вредно дело во 2025 година, „Матица македонска“ се обидува и на поновите генерации да им овозможи јасен увид во големата слика за Македонија и Балканот, согледано од една несубјективна перспектива за историските премрежиња на Македонците низ вековите, како и за завојувачките сили на балканските народи.
„Причини за движењето“, „Кратка историја на македонските комитети кај нас и македонското прашање во Бугарија и во Србија“, „Однесуваето на Големите сили – Русија и Австро-Унгарија спрема Балканскиот Полуостров“, „Возможно ли е Турција да се реформира?“, „Судбината на Македонија и на балканските државички“ и „Југословенски или Балкански сојуз“ – ова се шесте поглавја на книгата на акадеик Александар Цанков, по обемниот вовед во кој детално ја елаборира темата.
– Македонското прашање е стара тема за која многу се пишувало и говорело, не само кај нас во Бугарија, но и насекаде во туѓина… Но стремежите на дел од бугарската и српската млада интелегенција, незадоволна од трезвено согледување на тоа многу спорно прашање меѓу нас балканските народи – македонското, ме принудува јавно да се произнесам за пламтежот во возбудените души на младиот Бугарин и Србин. (…) Јас тргнувам од принципот дека во политиката има многу малку идеализам. Никаде на друго место освен во политиката грубиот материјален интерес нема таква значајна улога. (…) ќе се обидам да докажам дека единствениот благопријатен услов за натамошниот напредок на балканските државички, за нивната самостојнотс, се темели единствено врз нивниот сојуз заснован на: автономна Македонија, има напишано Цанков во воведот.
Според Цанков, за почетокот на македонското движење не може да се определи хронолошки точен датум, бидејќи тој се совпаѓа со почетоците на слободарските стремежи кај сите јужни Словени поробени од турскиот режим.
– Ете зошто, кога се обидуваме да го окарактеризираме движењето и да ги откриеме првичните моменти на настанокот, ние треба да ги разоткриеме заедничките фактори кои дејствувале и кои имале решавачко значење во развојот не само на македонското прашање туку и за сите поробени балкански народи под турска власт, а најмногу за нас Бугарите кои сме многу блиски со Македонците.
Покрај другите несреќи на Македонците, сè уште под ропство, им тежат и неподносливите даноци. Даноците стануваат уште потешки и неправедливи поради нивното нередовно и неправилно собирање. Под влијание на изненадувањето дека Македонија, според решенијата на Берлинскиот конгрес, одново Ќе остане турска провинција, поинтелегентните Македонци во Бугарија, Источна Румелија и Македонија, уште кон крајот на 1878 година, го организираа веќе познатото „Кресненско востание“.
Генералот Ив. Цончев застанува на чело на Комитетот и целото македонско движење, не во Македонија туку во Кнежевството. Тој ја презеде зацртаната завојувачка политика и ја продолжи неуморната и непрестајна борба со внатрешните македонски дејци. Нешто повеќе, тој се потврдува како најнемилосрден прогонувач на внатрешните дејци чиј единствен грев за таа бедотија е дека тие остваруваат поинакви национални идеали, пишува во книгата Цанков.
„Внатрешните борци за слобода на Македонија добро ги знаат општествените односи на народностите кои ја населуваат Македонија, и ним им се туѓи погрешните и погубни завојувачки стремежи на бугарските, српските или, ако сакате, на грчките влади, кои наоѓаат добар реализатор за своите интереси во Организацијата, како комитетите на Цончев и нему сличните во Бугарија, на оној на Атанацковиќ или на Шовинистичкото друштво „Св. Сава“ во Србија и севкупната организирана пропаганда во Кралството и во Македонија.
Внатрешните дејци инспирирани од вистинскиот дух на слободата на својата татковина сакаат независна или најмалку автономна Македонија… Спознавајќи ја лошата судбина која може да ја зграпчи нивната татковина Македонија… тие борци водат непрестајна и крвава борба, како со тиранот Турчин, така и со сите дрзници што посегнуваат кон нивниот идеал „Македонија на Македонците“.“, нагласено е во делото „Македонското прашање и Балканскиот сојуз“.
Како што пишува Цанков во 1906 година, балканските држави Бугарија и Србија (и останатите балкански држави, особено Грција) не водат разумна политика спрема Македонија.
– Тоа е јасно како бел ден и нема потреба да докажувам дека тие се стремат целосно да ја присоединат Македонија или да ја разделат помеѓу себе. Како што секому му е јасно дека во 1897 година со одобрување на Русија се водеа преговори меѓу бугарската и српската влада за таканаречените „сфери на влијание“ во Македонија. Друг фактор што неоспорно ја зајакнува завојувачката политика на балканските држави е македонската емиграција.
Во Бугарија нејзиното влијание е посебно силно. Многу од државничките места се заземени од македонски емигранти. Како што се одвиваат работите во Бугарија, Македонецот станува полноправен граѓанин. Има можност да учествува во управувањето и во општествениот живот на државата. Може да врши не само морално влијание над бугарското општество, како несреЌен бегалец предопределен да го помине животот далеку од татковината, но и директно да влијае врз политиката на бугарската држава.
Од друга страна, емигрантот Македонец што ја загубил живеачката во својата татковина, доаѓајЌи кај нас ги преценува сите предности на нашиот политички режим…, верува дека неговата егзистенција ќе се подобри, ако наместо Турција, негов господар биде Бугарија, која, како што размислува тој, ќе му ги врати сите нешта: имотот, домот, заедно со сите граѓански права и друго. Тие чувства на несреќниот Македонец умеат бескрајно да ги експлоатираат бугарските влади. Така тој, совршено чист во своите чувства, но затоа пак лесноумен, несетно станува оружје на злокобната политика, која веќе долги години ја водат бугарските државници кон Македонија и кон бугарскиот народ, експлицитно истакнува Цанков.
Во книгата, тој објективно наведува: „Најнапред нашите, и бугарски и српски стремежи, немаат морално чиста основа. И ние, и Србите, и Грците со своите и најмали аргументи за претензии кон Македонија ниту сме способни, ниту пак доброволно ќе одиме да војуваме со Турција, од една братска желба да му дадеме слобода на еден страдалнички народ, зашто нашите погрешно разбрани стопански и политички интереси нè наведуваат да имаме поинакво однесување.
Да криеме ли, и зошто се мачиме да го лажеме светот, оти не ќе спроведуваме една освојувачка политика кон Македонија? Тврдам дека сето тоа добро го знаат некои македонски дејци и јасно согледуваат, дека на Македонија не останува ништо друго освен самата да војува за својата слобода. Тие со години го подготвуваат и го подигаат умственото и морално ниво на масите, за да станат способни и достојни сами да си ја извојуваат својата слобода, а не од некого да им биде подарена, како незаслужена мислост. Тие го подготвуваат Македонецот да војува и неколкупати веќе беше потпален слободарскиот оган зад Родопите и Рила…
Очигледно е колку погрешни и погубни се нашите, бугарски, српски и грчки претензии спрема Македонија. Со еден разумен царински сојуз, со поволен договор за нашиот транспорт, со еден збор, со добри трговски договори постигнати меѓу нас Бугарија, Србија, Грција, Романија и слободна Македонија, ние ќе имаме многу подобри и загарантирани резултати, отколку со бескорисно зголемување на нашите територии, било со делби или со целосно присоединување на Македонија, коешто и без тоа нема да го дозволат европските сили…“
Александар Цанков е познат бугарски општественик, државник и академик. Роден е 1879 во Орјахово. Завршил студии по право на Софискиот универзитет, а специјалистички студии по државни науки во Минхен, Вроцлав и Берлин. Во периодот кога е објавена книгата „Македонското прашање и Балканскиот сојуз“ бил лидер на опозицијата во Бугарија. Бил претседател на Владата на Бугарија (1923-1926) и претседател на Дваесет и првото и Дваесет и второто Народно собрание (1926-1931). По Деветосептемврискиот преврат во 1944 година, емигрирал во Германија. При крајот на четириесеттите години заминал во Аргентина, каде што починал во 27 јули 1959 година.
Инаку, во текот на месецов, меѓу другото, во „Матица македонска“ се одвива акција во која сите книги што се однесуваат на македонскиот национален идентитет се достапни по половина цена. Во текот на август, книгоиздавателството објави и промовира неколку нови изданија што се однесуваат на важни прашања за Македонија, за нејзината историја и за нејзината сегашност. „Македонското прашање и Балканскиот сојуз“ е една од тие книги.
Промотивна објава