Заедничката контрола на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП) во ноември на 49 приватни гинеколошки ординации низ државата покажала дека речиси половина од нив работеле спротивно на правилата.
Вкупно 23 ординации добија казни или санкции, дел поради наплата на услуги што треба да бидат бесплатни за здравствено осигурените лица, а дел поради неуредно водење евиденција, информираше денеска директорот на ФЗО, Сашо Клековски.
-Од контролираните 49 установи, кај 26 немало никакви неправилности или 53%.
Неуредни збирно се вкупно 23 ординации, од кои неправилности само кон ФЗО имаат три установи, само кон УЈП имаат 11, а кон двете институции има кај девет установи.
Од утврдените 12 установи кон Фондот, главна неправилност е наплата на дополнителни средства од осигурани лица (кај осум приватни здравствени установи -ПЗУ) и неуредна евиденција (кај пет ПЗУ).
Од УЈП се утврдени неправилности со фискализација кај 20 установи, рече тој на заедничка прес-конференција со директорката на УЈП, Елена Петрова.
Целта на контролите, како што рече Клековски, била проверка на придржување кон договорените обврски меѓу ФЗО и матичните гинеколози, дека прегледот ЕХО, колпоскопија, земање брис за микробиолошко и цитолошко испитување за ПАП-тест, како и сите други дијагностички и терапевтски процедури што се согласно медицина заснована на докази, кај избраниот доктор, не се наплатуваат.
ФЗО има склучено договор со вкупно 149 приватни здравствени установи за вршење примарна здравствена заштита во дејноста гинекологија – матични гинеколози.
-Кај 35%, односно 16 установи утврдивме неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет и веднаш се изречени прекршочни санкции.
Сакам јасно да потенцирам, иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а најголем дел од овие установи плаќаат симболичен годишен данок на вкупен приход од 1% или се целосно ослободени, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без даночен ефект, рече Петрова, која посочи дека неевидентирањето на приходите остава простор за нивно користење како неоданочени лични примања, стекнување личен имот од неоданочен доход, како и за плаќања на набавки во готово што директно ја храни сивата економија.
Фото: Унсплеш














