Визијата за Западен Балкан кој се приближува кон Европската Унија (ЕУ) не е со зборови, туку со дела, со реформи, со резултати, истакна премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на лидерскиот самит на Западен Балкан со ЕУ.
„Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија.
На денешните разговори се фокусиравме на реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува историска шанса за сите нас. Тоа е механизам кој ни овозможува не само пристап до инвестиции и фондови, туку и мотивирачка рамка за унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и економската конкурентност.
За нас, овој план не е формалност. Тоа е алатка преку која ќе ја трансформираме земјата. Ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието. Ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура. Ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ.
Но, исто така, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности. Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес.
Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за Европската Унија, и туѓо за нас,“ рече Мицкоски.
Обраќајки се кон еврокомесарката Марта Кос, тој рече дека државата испорачува резултати, не затоа што тоа некој го бара, туку заради граѓаните.
„Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности не затоа што тоа ни го наложува некој, туку затоа што тоа е нашиот избор и веруваме во тоа. Нашиот пат. Нашата определба.
И затоа, благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени сами да си помогнеме, да ги спроведеме реформите и да ја трансформираме земјата. Со инвестирање. Со работа. Со доверба во сопствени сили и со партнерство со ЕУ,“ додаде тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Реформите, Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан – дел од темите на средбата на Мицкоски со Кос
(Галерија) Кои лидери од Западен Балкан дојдоа во Скопје за лидерската со ЕУ
Фото: Влада