Поради сообраќајната несреќа во септември годинава во селото Марино, во која беа повредени двајца малолетници, пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, може да остане без пратенички имунитет.
Еден од повредените, момче на 16-годишна возраст, кое со мопед се судри со возилото на Јанчев, подоцна почина, а родителите на 13-годишното повредено девојче сега бараат од македонското Собрание да му биде одземен пратеничкиот имунитет.
Тие испратиле писмо со вакво барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Родителите на девојчето се загрижени дека тој може да ја злоупотреби својата функција со која би влијаел врз судскиот процес и да се повика на пратеничкиот имунитет, со што, како што наведуваат „би избегнал евентуални мерки за обезбедување присуство или други мерки што би определиле надлежните органи“.
За трагичниот настан се уште нема обвинение.
Јанчев е осомничен за сообраќајката во која со „Хјундаи тусон“ удри во мопед „Јијинг“ управувано од 16-годишното момче кое почина, а негова сопатничка беше повреденото 13-годишно девојче.
Повреден беше и сопатникот на Јанчев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Почина 16-годишното момче кое со мопед удри во џипот на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев
Фото: Јанчев/Фејсбук













