(Фото) Модата како јазик на промените

Скопје повторно ја испиша својата приказна на регионалната модна мапа – со концепт што не само што ја прикажува естетиката, туку ја редефинира. Од 29 октомври до 5. ноември 2025, градот го живееше 31. издание на Fashion Weekend Skopje powered by UniBank – најзначајната модна платформа во земјата, која повеќе од една деценија ги поврзува световите на дизајнот, индустријата и културата.

Под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“, оваа сезона го отвори прашањето за модата како јазик на општествените, културните и еколошките промени. Со поддршка од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес и со UniBank како генерален партнер, FWSK 31 уште еднаш ја потврди моќта на модата да создава вредности, да влијае врз навиките и да гради култура на одржливост.

Од работилниците за повторна употреба во „Ништо ново“, преку еко-менторствата во Етно село, тркалезни маси, дебати, и иницијативата bodyright на UNFPA, до ревиите на македонските и младите регионални дизајнери – FWSK 31 ја испиша својата најцелосна и најинспиративна сезона досега. Кулминацијата дојде со два исклучителни настани кои ја споија модата со уметноста и општествената одговорност: добротворната модна аукција „Fashion with a Cause“ и изложбата „Мода и занаети“.

„Fashion with a Cause“ – Модата како филантропија

Во соработка со Фондацијата Конект и со поддршка од Амбасадата на Франција во Скопје, третата добротворна модна аукција уште еднаш ја потврди идејата дека модата може да биде акт на човечност. Благодарение на солидарноста и великодушноста на гостите и учесниците, беа собрани 200.500 денари, наменети за: Мрежа на доброволни противпожарникарски друштва – за заштита на шумите и урбаните заедници; ИМКА Битола – едукативни програми за млади; Отворете ги прозорците – поддршка на деца со попреченост преку нови технологии;

Палиум – прва изнајмувачница на помагала за лица со рак.

На аукцијата беа претставени дела од 23 македонски дизајнери, уметници и занаетчии, меѓу кои: Никола Булески, Александар Стојанов – Зорин, Никола Ефтимов, Morpho Jewellery (Александра Ристовска), Лидија Георгиева, Изет Цури, Ирина Тошева x Народни носии, Made in Идризово, ЕСНАФ, Мирјана Јосифовска, Љубица Буба Мешкова Солак, Алшар (Силвија Михајловска), Marcy’s Handmade, Терзија (Наталија Терзијоска), M Art Gallery (Марта Поп Антоска), Олгица Ѓорѓиева, Катерина Тошева, Билјана Силјановска Be., MilkDesign (Антонија Гугинска Јорданоска), Снежана Ефковска, Ивана Груевска, Радмила Давидовиќ Настев и 11i11saat.

Настанот го водеа Ана Зафирова и Огнен Јаневски, а вечерта ја отвори Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект. Во публиката беа присутни амбасадорите на Франција, Словенија, Словачка и Хрватска, како и бројни претставници на институции, медиуми и модната заедница. Вечерта заврши со DJ сет на Ind Og и тивка аукција – во атмосфера на елегантна филантропија.

„Мода и занаети“ – Уметноста на создавањето

Паралелно со добротворната аукција, беше поставена изложбата „Мода и занаети“. Кураторски осмислена како омаж на македонската ракотворна традиција и современиот дизајн, изложбата ги претстави резултатите од две креативни работилници и го продлабочи дијалогот меѓу дизајнерите, институциите и занаетчиите.

Изложбата претстави уникатна колекција на идеи што „размислуваат со раце“, обединувајќи традиција, уметност и современ дизајн во едно инспиративно визуелно искуство, каде секој изложен предмет носи своја приказна и ракопис на авторот ,меѓу претставените креации се издвојуваат делата на Стефанија Насеска со корсет и здолниште инспирирани од „Златната маска од Требеништа“ комбинирани со рачно ткаена кошула од „Народни носии“, Никола Булески со бел фустан што симболизира реупотреба изработен од внатрешни материјали на вратоврски и украсен со рачно сликање и панделки, Никола Ефтимов со рачно насликан корсет во комбинација со рачно ткаена памучна кошула од „Народни носии“, Силвија Михајловска (Алшар) во соработка со уметницата Марија Таировска (Marcy’s Handmade) со фустан украсен со рачно изработен накит, Буба Мешкова Солак со рачно насликана кошула и торба, Олгица Ѓорѓиева со капут и детали за коса изработени од дрвени шноли (Esnaf), Ирина Тошева и „Народни носии“ со торба создадена од рециклирани материјали и мотиви инспирирани од македонското ткаење, Esnaf со современа торба направена од јамболија и Снежана Ефковска со комплет инспириран од тетовската традиција и збогатен со рачно везени детали.

Изложбата ја слави уметноста на рачната изработка и ја нагласува нејзината вредност како мост меѓу минатото и современото творештво, покажувајќи дека занаетчиството и креативноста остануваат суштински дел од културниот идентитет. Арт-инсталациите „Кукли“ беа изработени со златните раце на занаетчијата Муврет Вишко од Macrame MK by M. Vishko.

Од уметност до одржливост

Особен впечаток остави делото на REД, создадено од реупотребени церади од камиони – симбол на спојот меѓу уметноста, функционалноста и одржливоста. Секое парче ја раскажува приказната за трансформацијата – од пат до нослива уметност. Колаборација меѓу REД и Душан Стефановски, со поддршка на SIEC.

Колаборации и академски дијалог

Во рамки на изложбата беше претставена и колаборацијата Esnaf x Интернационален Балкански Универзитет, под наслов „Threads of Care“, реализирана во соработка со Факултетот за дизајн и уметност при ИБУ, под менторство на асс. проф. Емилија Славкова и асс. проф. Медина Хоџа. Студентите креираа ткаена таписерија користејќи ја техниката на ткаење со јамки – метод што ја нагласува тактилноста, ритамот и внимателната изработка, оживувајќи ја традицијата низ современ дизајнерски израз.

Изложбата ја збогати и претставувањето на проектот Текстилни метаморфози – од традиција до современост“, авторство на проф. д-р Јасмина Пиличкова Ристовска, Петар Новковски и Ана Трајковска (Институт за фолклор “Марко Цепенков”-Скопје). „Текстилни метаморфози“ е моден проект кој ја истражува врската меѓу културното наследство и современата естетика преку традиционалниот текстил. Колекцијата претставува редизајн на автентични ткајачки техники, мотиви и материјали, трансформирани во дигитални силуети кои зборуваат за сеќавање и иновација.

Изложбата потсети дека модата и занаетчиството се делови од истата приказна – приказна за култура, идентитет и одржливост.

Фото: Горан Бошковски

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести