На 8. октомври концерт по повод 100 години од раѓањето на грчкиот композитор Микис Теодоракис

По повод 100 години од раѓањето на грчкиот композитор Микис Теодоракис, на 8. октомври во Националната Опера и Балет во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе се одржи свечен концерт во организација на Баги Комуникации, а во соработка со Амбасадата на Грција во Македонија, информираат од таму.

-Микис Теодоракис (1925–2021) е еден од најголемите композитори на 20 век. Неговото име е нераскинливо поврзано со музиката за филмот „Гркот Зорба“, која стана светска икона, но и со партитури за „Серпико“ и бројни симфонии, ораториуми и камерни дела.

Паралелно со неговото уметничко творештво, Теодоракис остана запаметен и како симбол на демократските идеали, што ја претвори неговата музика во универзален јазик на надеж и достоинство.

Веруваме дека универзалноста на музиката на Теодоракис е она што и денес ја прави блиска и разбирлива за сите генерации. Таа носи порака што ги надминува границите и културните разлики и ги поврзува луѓето низ емоцијата, уметноста и заедничките вредности, велат организаторите на концертот.

На концертот во Скопје ќе настапат реномираните грчки музичари Клеоники Демири (вокал), Акилиас Гуастор (пијано), Лефтерис Гривас (хармоника) и Димитрис Куфогиоргоc (мандолина и бузуки).

Демири е позната по своите интерпретации на големите имиња од грчката музика и настапи на бројни сцени во Европа, додека нејзините соработници се искусни инструменталисти со богата концертна кариера, чија изведба се карактеризира со прецизност и автентичен звук. Заедно, тие ќе претстават избор од најзначајните дела на Теодоракис – од познатите филмски теми до помалку изведуваните композиции што го откриваат целото богатство на неговиот опус.

-Концертот е културен настан што ја нагласува трајната вредност на уметноста и нејзината способност да обединува, велат од Баги Комуникации.

Билетите се достапни онлајн преку платформата mktickets.mk.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести