Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на друштвото за изградба, управување и издавање на повеќе наменска сала Борис Трајковски ДООЕЛ Скопје, за 2023 година.
„Приоритетна дејност на друштвото е да склучува договори за издавање под закуп на деловниот простор со кој располага и да остварува приход од закупнина. Со ревизијата е утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10.901 илјада денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп.
Три од договорите, биле склучени во периодот од 2011 до 2013 година и се со важност од 10 до 15 години, согласно тогашната важечка законска регулатива, додека другите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија,“ се вели во извештајот.
Давањето под закуп на деловниот простор се врши со електронско јавно наддавање. Со извршените анализи констатирано е дека: кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само незначително повисока од почетно утврдената, кај пет договори цената останала непроменета во однос на почетната и кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до дури 50%. Овие договори се склучуваат на период од четири години, а по нивниот истек се продолжуваат со анекси, под исти услови и без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови, се вели во извештајот.
Во ревизорскиот извештај е наведено дека Друштвото остварува приходи и од продажба на добра и услуги во вкупен износ од 48.812 илјади денари и истите претставуваа 74% од вкупно остварените приходи од продажба во 2023 година. Овие приходи, во однос на 2022 година се намалени за 3%, додека во однос на 2021 година се зголемени за 33%. Во 2024 година, остварените приходи од продажба на добра и услуги изнесуваат 55.182 илјади денари и се за 13% повисоки од приходите остварени во 2023 година.
Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Друштвото за набавка на „соларниот систем‘‘ има исплатено 25.945 илјади денари, а согласно трговските книги на друштвото, неговата сегашна вредност е 2.856 илјади денари.
Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение.
Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на Борис Трајковски ДООЕЛ Скопје за остварување приходи од стопанисување со паркингот, за кој Друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот.
„Во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во периодот од 30 ноември до 1. декември 2023 година, друштвото по препорака на Владата му овозможило на МНР логистичка поддршка и асистенција за адаптација и надворешно уредување на друштвото за потребите на настанот, кое било извршено од страна на МНР.
По претходно спроведени постапки за доделување на договори за јавни набавки МНР склучило неколку договори со вкупна вредност од 124.234 илјади денари. Со ревизијата утврдено е дека не се доставени записници од МНР за потврдување на изведените работи и инсталирани добра и ствари кои останале во владение на друштвото.
Исто така, не е постапено по одредбите од склучениот договор за соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани (вградени) добра и ствари во друштвото, сѐ уште не се ставени во негово владение“, се вели во извештајот.
Во извештајот ревизорите го обелоденуваат начинот на кој во 2011 година била изградена и опремена спортската сала Борис Трајковски, преку задолжување од Град Скопје за износ од 260.491 илјади денари. Долгот кон Град Скопје требал да се отплаќа во три еднакви месечни рати, почнувајќи од 2011 година. Поради неповолната финансиска состојба на друштвото, враќањето на долгот е пролонгирано за 8 години и започнало дури во 2019 година, при што последната рата е исплатена во 2023 година.
Имајќи предвид дека Друштвото во континуитет од 2019 до 2022 година работело со загуба и неговата ликвидност била нарушена, сите средства за отплатата на долгот се обезбедени од Буџетот на државата за што била зголемена основната главнина на друштвото во корист на државата.
Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, како и слабости во работењето со готовината, начинот на евидентирање на залихите на суровини и материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежностите за Надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува начинот на пресметка на платите и други неправилности и неусогласености.
Наведените состојби, неправилности и неусогласености од различна природа влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Фото: Фејсбук/СЦ Борис Трајковски