Нова магистерска програма „Визуелни комуникации“ на Факултетот за ликовни уметности – Скопје

Факултетот за ликовни уметности – Скопје ја најавува новата студиска програма од втор циклус студии (магистерски студии) по Визуелни комуникации, која ќе започне од академската 2025-2026 година.

„Во свет во кој визуелната комуникација е јазикот на иднината, уметноста и дизајнот не се веќе само форми на естетски израз –  тие се моќни медиуми што ги раскажуваат приказните на општеството и на човекот, ги предизвикуваат нормите, создаваат нови вредности и се афирмираат како највлијателен канал за создавање и пренос на идеи. Но, дали знаете како свесно да ги прочитате туѓите визуелни пораки – и уште поважно – дали знаете како креативно, јасно и ефективно да ги обликувате сопствените?

Новата студиска програма од втор циклус по „Визуелни комуникации“ нуди токму таква можност за новите студенти. Програмата нуди надоградување на уметнички вештини и самостојно творештво, развивање на визуелниот критички јазик, но и потик за студентите да станат креатори на уметност што ќе има вистинско влијание во чекор со современите уметнички и општествени текови не само меѓу уметничката фела, туку и во пошироката јавност,“ соопштуваат од таму.

Во соопштението се додава дека студентите ќе имаат можност да го прошират стекнатото знаење од првиот циклус студии по сликарство, вајарство, графика, ликовна педагогија или сродни студиски програми, и да ги развијат своите способности за критичко размислување, истражување и креативно изразување преку нови медиуми и современи визуелни практики.

„Преку мултидисциплинарен пристап, студентите ќе се стекнат со напредни знаења во областа на визуелните комуникации, трансмедиумските истражувања, теоријата на визуелни комуникации, новите медиуми и дигиталната уметност. Наставата е креирана како индивидуален и групен процес, кој го следи и поттикнува личниот развој и автентичниот уметнички израз на секој студент со поддршка на докажан и квалитетен професорски кадар.

Факултетот за Ликовни Уметности ги поканува и силно ги охрабрува дипломираните студенти и младите уметници да го продлабочат своето знаење и унапредат своите вештини во областа на современите визуелни и трансмедиумски уметности и да се запишат на новата студиска програма од втор циклус студии (магистерски студии) по Визуелни комуникации. За повеќе информации  околу програмата посетете ја веб страна на Факултетот за Ликовни Уметности flu.ukim.edu.mk, испратете порака на [email protected] или јавете се на 02/30 66 779,“ се вели во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести