One Macedonia, подружница на унгарската 4iG Групација, официјално ја доби националната лиценца за работа како трет мобилен оператор во земјата.
Според законските обврски, со работа треба да започнат кон крајот на првиот квартал од 2027 година.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) дополнително ќе одлучува за префиксите кои ќе ги користат.
Планот на компанијата е да изгради своја сопствена мрежа, најпрво во Скопје, а потоа на територијата на целата држава. Во прво време, додека мрежата не се изгради целосно, ќе се користи мрежата на конкурентите.
„Овој т.н национален роаминг е регулиран овде, и двата оператори мора да низ дозволат пристап до нивните мрежи, заради тоа, на самиот почеток ќе ги искористиме нивните капацитети. Нашата мрежа првично ќе ја лансираме во Скопје, а потоа низ целата територија и тој национален роаминг ќе го користиме целосно, се додека не се воспостави нашата мрежа.
За да бидеме целосно независни тоа бара време, и тоа не е едноставно за некој кој за прв пат влегува на пазарот. Од друга страна, на нашите клиенти треба да им понудиме покриеност низ целата територија, заради тоа ќе ја користиме мрежата на нашите конкуренти и ќе имаме т.н национален роаминг,“ изјави Пал Заранди, претседател на Одборот на директори на One Macedonia и директор за мобилна стратегија во 4iG Групацијата, на денешното свечено врачување на лиценцата во АЕК.
Тој додаде дека влегувањето на 4iG Групацијата на македонскиот пазар претставува стратешко проширување на нивното присуство низ целиот Западен Балкан, регион кој како што рече, е клучен за нивниот долгорочен раст, а нашата држава игра важна улога во нивните пошироки амбиции за дигитална инфраструктура.
„Проектот за подморски кабел Албанија-Египет и поврзаниот проект „Балкански столб“, кој е поддржан од Европската комисија, отвора нов стратешки дигитален коридор помеѓу Европа и Африка.
Географската и стратешката положба на Северна Македонија природно ја прави точка за проширување за оваа инфраструктура, зајакнувајќи ја релевантноста на земјата во регионалната и континенталната поврзаност на податоци. Оваа земја ќе служи како клучен јазол во регионалниот екосистем на податоци,“ изјави Заранди.
Тој додаде дека како земја-членка на НАТО, Северна Македонија е релевантна не само економски, туку и геополитички.
„Нашите проширувачки одбранбени и сателитски капацитети наоѓаат силна основа тука, а со градење на робусно, безбедно телекомуникациско присуство, поставуваме темели за поширока соработка во критичните технологии. Ова е ретка можност да се изгради национален оператор од нула, со најнапредни алатки, но исто така и да се обликува корпоративна култура насочена кон потрошувачите, агилна и транспарентна од првиот ден“, потенцираше тој.
Компанијата планира да инвестира до 100 милиони евра во изградба и развој на мрежата, вклучително и во инфраструктура, отворање нови работни места, обуки, како и долгорочна соработка со домашни ИКТ-компании.
„Ние не влегуваме на пазарот само за да се натпреваруваме, туку за да дадеме конкретен придонес. One Macedoniaпретставува нов почеток за телекомуникациите во земјата. Без наследена инфраструктура, имаме можност работите да ги поставиме поинаку, односно поефикасно, побрзо и побезбедно.
Нашата визија е да станеме доверлив дигитален столб на Северна Македонија, инклузивен, безбеден и отпорен. Оваа лиценца е нашата почетна точка, но вистинската работа започнува сега,“ изјави Брано Ѓуровиќ, извршен директор на One Macedonia.
Со почетна инвестиција за лиценцата, повеќе од 8 милиони евра, One Macedonia ја потврдува својата посветеност на долгорочен развој и градење локални партнерства, целосно усогласени со безбедносните и регулаторните рамки на Европска Унија. Компанијата работи врз принципи на транспарентност, иновации и заштита на јавниот интерес, со цел да ја поддржи дигиталната трансформација на државата и да создаде трајна вредност за граѓаните, институциите и економијата, нагласија од таму.
Директорот на Агенција за електронски комуникации (АЕК), Јетон Акику, ја истакна важноста на одлуката од аспект на развојот на пазарот и јавниот интерес.
„Доделувањето на лиценцата денес претставува клучен момент во дигиталниот развој на Северна Македонија. Го отвораме пазарот за нова конкуренција, притоа целосно усогласени со европските стандарди. One Macedoniaвнесува нова динамика и сериозна стратешка посветеност.
Веруваме дека овој чекор ќе придонесе за подобри услуги, многу иновации и побезбедна инфраструктура за граѓаните. АЕК ќе продолжи да обезбедува стабилна регулаторна рамка за поддршка на долгорочни инвестиции и соработка,“ додаде Акику.
One Macedonia започнува со лансирање на мобилна мрежа од следната генерација 5G Standalone (SA), базирана на европски стандарди и со користење доверливи добавувачи, како што е Ericsson.
Во однос на пазарниот удел, компанијата има силни амбиции, ќе се ангажираат експерти кои што ќе прават истражување на пазарот, за да видат како најдобро да се позиционираат на македонскиот телекомуникациски пазар.



ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фор-ај-џи, сопственикот на Оне Македонија телекомуникации, ќе инвестира 100 милиони евра
Кои се плановите на Оне Македонија, која е избрана за трет мобилен оператор














