Во рамките на РЕсет платформата на „Реплек“ за добросостојба, под мотото „За мое добро“, продолжува серијалот вежбање со познатата фитнес инструкторка Елена Бубало, информираат од таму.
Сесијата ќе се одржи в сабота, 18. октомври, со почеток во 11.00 часот, во малата сала во СРЦ „Борис Трајковски“.
Овојпат платформата добива додадена вредност, бидејќи учесниците, покрај да вежбаат, ќе имаат можност и да прашуваат како дo подобра форма, но и како да ја одржат добросостојбата. Елена Бубало ќе биде на располагање за прашања од учесниците, како и за совети. Токму и затоа ова шесто издание на настанот е насловено како „REset & Retalks“, најавувајќи уникатно искуство што ќе комбинира динамична сесија на вежбање и отворени разговори за одржувањето на кондицијата и здравите животни навики.
Оваа сесија е дел од серијата бесплатни настани за вежбање и работилници кои ги реализира „Реплек“, во рамките на РЕсет – платформата за добросостојба, за поттикнување ведар дух, здраво тело и ментална сила, а со цел да се подобри нивото на општото здравје кај граѓаните. Учесниците, како и на сите досегашни вакви настани, ќе биде доволно да донесат само простирка за вежбање, во комбинација со својата позитивна енергија.
Меѓу другото, присутните на претстојната „REset & Retalks“ сесија ќе добијат многу практични совети за вежбањето, насоки за исхраната што треба да ја практикуваат доколку сакаат подобри резултати од тренинзите, како и мотивациски препораки како да се надминат личните предизвици што нѐ оттргнуваат од вежбање и тоа да се претвори во начин на живот.
Настанот ќе биде отворен за јавноста, а сите што се подготвени да излезат од комфор зоната ќе можат своето место да го резервираат преку следниов линк: shorturl.at.
Носечката идеја на РЕсет платформата е да поттикне позитивни лични и колективни промени во општеството преку конкретни активности за промоција на менталното и физичкото здравје, реализирани со поддршка на професионалци и експерти од релевантни области. Во јуни годинава во рамки на оваа платформа се одржа тренинг на отворено на плажата Бафало во Охрид. Следуваат нови сесии преку кои Реплек и Елена Бубало ќе продолжат да внесуваат свежина и инспирација во промовирањето на добросостојбата, велат од таму.